Ковачевски - Кришто: Заедно работиме за стабилен Западен Балкан во Европската Унија

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, во рамки на Минхенската безбедносна конференција, денеска оствари средба со претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, г-ѓата Борјана Кришто. На средбата присуствуваше и заменик на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ.
 
Премиерите на двете држави ги потврдија пријателските односи меѓу земјите како и заложбата за интензивирање на соработката во наредниот период.

 
Премиерот Ковачевски на својата босанска колешка ѝ честиташе што Босна и Херцеговина доби кандидатски статус во Европската Унија. Тој на средбата истакна дека единствено стабилна и просперитетна иднина на земјите од Западен Балкан е во Европската Унија.
 
Интегрирањето на балканските земји во големото европско семејство е реална потреба на Регионот, заклучија двајцата соговорници. Што се однесува до билатералните односи меѓу Босна и Херцеговина и Северна Македонија, тие се без отворени прашања. Наредниот период владите на двете земји ќе бидат фокусирани на унапредување на економската соработка меѓу двете земји, посебно во сегментите на трговската размена во металната, прехранбената и текстилната индустрија.