Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот се осврна и на најновата информација од Државниот завод за статистика, според којашто се бележи нов раст на просечната плата во државава и најави тренд на покачување на платите и пензиите.
„Се потврди она што постојано го зборуваме, дека имаме континуиран раст на платите во државата. Ветувањето кое го дадовме, дека во 2024 година ќе имаме над 34.000 денари просечна плата, речиси една година порано го исполнивме. Благодарение на соодветните мерки и политики коишто ги креира Владата и на нашата посветена работа и грижа за граѓаните, просечната нето-плата во месец декември 2022 година достигна 34.364 денари. Тоа е зголемување за 4.400 денари или 14.8 проценти од истиот месец во 2021 година, кога изнесувала 29.900 денари. Ваквото зголемување пред сè се должи на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: преработувачка индустрија (20.4%), уметност, забава и административни и помошни услужни дејности. Растот на просечната нето-плата е резултат на економските мерки и политики што ги спроведува Владата за раст на просечната и на минималната плата“, оцени премиерот Ковачевски.
На среден рок, посочи премиерот Ковачевски, во периодот 2024-2027 година, се очекува номиналниот раст на просечната плата да изнесува 6,1 процент годишно, односно: во 2023 година - 7,3 проценти, во 2024 година - 6,4 проценти, во 2025 година - 6,1 процент, во 2026 година - 6,1 процент и во 2027 година - 5,8 проценти.
„Како социјалдемократска Влада продолжуваме да вложуваме во човечкиот капитал и подобар стандард на секој вработен во државата, со континуиран раст на минималната, на просечната плата и на пензиите“, најави премиерот Ковачевски.
„Нема подобра потврда дека земјата се движи во вистинска насока, од отворањето нови работни места, капитални инвестиции, зголемување плати, пензии, пакети за помош и поддршка на граѓаните, пензионерите, компаниите, субвенции за земјоделците нови странски инвестиции“, оцени премиерот Ковачевски и најави нова инвестиција.
„Овде од оваа говорница денеска сакам да најавам реализација на уште една нова странска инвестиција којашто утре ќе започне со градба на нов производствен капацитет. Станува збор за германската компанија „Гересхајмер“, којашто пред околу четири години направи смел чекор, инвестирајќи во изградба на фабрика за медицинска пластика, токму овде, во технолошко-индустриската развојна зона 2, во Скопје. Оваа компанија повторно ја избра Северна Македонија за нова инвестиција за втора фабрика во оваа зона“, соопшти премиерот Ковачевски.
Владата, порача премиерот, создава безбедно место за инвестирање.
„Наша цел е да создадеме услови по светски терк неопходни за непречено функционирање на компаниите без разлика дали тоа се странски инвеститори или домашни. 2023 година ја започнавме со нова инвестиција „Магна мекатроникс“ од 40 милиони евра, којашто во првата фаза ќе донесе 600 нови работни места. Просечната плата во зоните е над државниот просек што исто така расте и согласно последните податоци на статистика е над 34.000 денари“, рече премиерот Ковачевски.
Во време на најголема енергетска криза, како што посочи премиерот, ја имаме најдобрата година досега од постоењето на технолошко-индустриските развојни зони, 2022 година, согласно поддршката на компаниите од Планот за економскиот раст, а вработените имаат достоинствени плати.
„Во овој контекст би истакнал дека 2022 ја завршивме со 2.300 нови работни места, над 430 милиони евра нови инвестиции и во октомври минатата година ја надминавме и највисоката граница на извоз од три милијарди евра, што беше претходен највисок резултат постигнат во 2021 година. 16.300 наши граѓани работат во компаниите во индустриските зони.
Исто така за поздравување е фактот што Владата успеа да ја промени перцепцијата на странските инвеститори за нашите зони како дестинација за евтина работна сила, којашто ја наметна претходната власт. Сега странските инвеститори одлучуваат да вложуваат во Северна Македонија, не поради ниските плати на вработените, туку поради другите поволни услови за бизнис што ги нудиме како земја. Овде секако влегува и квалитетот на работниот потенцијал што го имаме, но и финансиската поддршка што ја нудиме согласно новиот концепт“, рече премиерот Ковачевски.
Покрај успешните резултати во ТИРЗ-овите, во 2022 година, како што посочи премиерот, се исплатени рекордни 23 милиони евра кон 410 компании по Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
„Само споредено со минатата година, оваа година имаме зголемување од 79 проценти на исплатена финансиска поддршка од 12,9 милиони на 23 милиони евра. Вака ги поддржуваме компаниите за зголемување на нивната конкурентност, преку воведување нови технологии, нови производствени процеси и целокупен развој и секако креирање на нови и подобро платени работни места. Овие компании во 2021 година имаат отворено нови 2.000 работни места, а вкупно вработуваат 27.500 вработени во државата. И оваа година поддршката ќе продолжи“, најави премиерот Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.