Република Северна Македонија одбележа 30 години членство во Групацијата на Светска банка. На денешен ден пред 30 години земјата се придружи на оваа светски водечка финансиска институција која помага на земјите во борбата против сиромаштијата и подобрувањето на стандардите за живеење на луѓето во земјите во развој.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, изрази благодарност за досегашната поддршка од Светска банка, потенцирајќи дека соработката ќе продолжи да се унапредува, особено што оваа светска финансиска институција има важен придонес во реформирањето и развојот на македонската економија.
„30 години Светска банка го поддржува развојот и напредокот на нашата држава, оваа финансиска институција има значен придонес во подобрување на општествените услови во Северна Македонија. За овие 30 години, токму преку Светска банка се реализирани инвестициски проекти во вредност од близу три милијарди долари. Нашето членство и пред сè долгогодишно партнерство со Светска банка, резултира со реализација на крупни проекти во делот на патната инфраструктура, изградба на градинки и училишта, и други проекти кои директно влијаат врз подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани и економијата. Покрај поддршката преку проекти, за нас како држава од исклучително значење е советодавната поддршка за политики, техничката помош и размената на искуства што ги нуди Светска банка, кои имаат важен придонес во креирање на економските и социјалните политики, а се во насока на економскиот развој на државата и подобрување на животниот стандард“, вели премиерот Ковачевски.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, изрази благодарност до Светска банка за континуитетот на ваквото партнерство и резултатите што се постигнуваат во развојот на земјата и изрази задоволство таквата соработка да продолжи и во иднина.
„Тоа не е само членство, тоа се 30 години партнерство. Светската банка се покажа како исклучително лојален и посветен партнер, кој даде особен придонес во реформирањето и модернизирањето на сите сегменти на македонската економија, преку инвестициски проекти чиј број е близу 100 во вредност од близу три милијарди американски долари“, вели министерот за финансии Фатмир Бесими, кој ја претставува Република Северна Македонија во Одборот на гувернери на Светска банка.
„Во изминатите 30 години, Светска банка е посветен партнер на Северна Македонија, притоа поддржувајќи ја земјата во нејзините напори за подобрување на животниот стандард, зајакнување на човечкиот капитал и подобрување на благосостојбата. Нашата соработка ќе продолжи и во иднина, сè со цел значително подобрување на животот на граѓаните“, рече директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово, Масимилиано Паолучи.
Со Светска банка работиме на надградба и развој на патиштата, олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, поврзување на локални патишта, модернизација на земјоделството, унапредување на социјалните услуги, унапредување на основното образование, подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор, градење ефективни, транспарентни и отчетни институции за управување со јавните финансии и слично.
Република Северна Македонија стана членка на Светската банка во 1993 година и е дел од Холандската конституенца. Мисијата на Светска банка во Република Северна Македонија се фокусира на поттикнување и поддршка за создавање нови работни места, како и на подобрување на стандардите за живеење преку спроведување и финансирање проекти, консултантски услуги и истражување во насока на градење капацитети, развој на човечки ресурси и инвестиции во инфраструктурата.
Помошта од Светска банка во земјава е дефинирана и се спроведува во согласност со Стратегијата за партнерство на Република Северна Македонија со Светска банка за периодот 2019 - 2023 година. Целите поставени во Стратегијата се подобрување на животната средина за конкурентен приватен сектор, проширување на вештините и можностите за најранливите категории и подобрување на одржливоста и градење на отпорност на шокови.
Соработката се спроведува преку проекти во секторот на социјална помош, здравство, образование, подобрување на вештини, деловно опкружување, развој на финансискиот сектор и слично.