Денес во Брисел се одржува билатералниот скрининг состанок за Поглавје 2 „Слободно движење на работници“ во рамки на Кластерот 2, „Внатрешен пазар“.
Билатералниот состанок го отвори државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања и заменичка на главната преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, која кажа дека веќе се спроведени многу реформи во оваа област, но дека Владата знае оти треба да се направи повеќе и е посветена за подобро да ја подготви земјата за прифаќање на европските стандарди и законодавството, со цел да побрзо да стане дел од отворениот пазар на труд.
-Во областа на пристапот до пазарот на трудот, законите веќе имаат воспоставено процедури за олеснување и овозможување вработување и работа на странци во постојното законодавство, обезбедувајќи еднаков третман со македонските граѓани и обезбедувајќи недискриминаторска заштита. Имајќи ги предвид релевантните регулативи и директиви, неопходно е дополнително усогласување со правилата на Европската унија за да се постигне целосна хармонизација, рече Абдиу-Халили.
На своето обраќање државната секретарка истакна дека Република Северна Македонија во делот на координативните системи за социјално осигурување, веќе ги спроведува билатералните договори кои се склучени со други земји, кои се засноваат на истите принципи на европското законодавство, овозможувајќи слободно движење на работниците и зачувување на нивните социјални права.
-Со цел да се докажува подготвеноста за усогласување со принципите на ЕУ, земјата веќе има потпишано договори со 9 земји-членки на ЕУ за користење на Европската картичка за здравствено осигурување (EHIC) на територијата на Република Северна Македонија. Во областа на ЕУРЕС, работевме на поставување на системот на клучните институции како што е агенцијата за вработување за да може да учествуваат во мрежата, истакна заменичката на главниот преговарач со ЕУ, Адбиу-Халили.
Денешните презентации на преговарачкиот тим се со фокус на прегледот на правната рамка за слободно движење на работници, нивото на усогласеност, институционалната рамка и административниот капацитет и идните планови во главните домени како што се: Слободниот пристап до пазарот на трудот, Координација на системите за социјално осигурување и дополнителните пензии, мрежата ЕУРЕС, Европска картичка за здравствено осигурување, информираат од Секретаријатот за европски прашања.
Европското законодавство во областа на слободното движење на работници се состои од правила со кои што се обезбедува правото на граѓаните на ЕУ да работат во друга земја членка, да престојуваат таму за таа цел и заедно со членовите на нивните семејства да ги уживаат правата како и државјаните на таа земја членка, во однос на работните услови и социјалните и даночните давачки. Исто така, вклучува правила за механизам за координирање на одредбите за национално социјално осигурување за осигурениците и членовите на нивните семејства кои се преселуваат во друга земја-членка.
Членовите на македонската делегација на денешниот билатерален состанок се претставници од Министерството за труд и социјална политика, Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Државниот инспекторат за труд и Државна комисија за спречување на корупција.
Следната недела, ќе се одржи билатералниот скрининг состанок за Поглавје 8, „Политика на конкурентност”.