Македонска делегација во Рим и Ватикан во чест на Свети Кирил

Висока делегација на Владата на Република Македонија предводена од претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски, денеска (четврток, 24 мај 2012 година), по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители “Св. Кирил и Методиј”, ќе учествува на манифестацијата “Македонија во чест на Свети Кирил” што ќе се одржи во Рим.

Во владината  делегација, покрај претседателот на Владата Груевски, учествуваат и заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министерот за надворешни работи, г-дин Никола Попоски, министерот за култура, г-ѓа Елизабета Канческа Милевска, амбасадорот на Република Македонија во Светата Столица, г-дин Ѓоко Ѓорѓиевски, директорот на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, г-ѓа Валентина Божиновска и директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, г-дин Висар Фида.

Во рамки на посетата на Светата Столица предвидена е Аудиенција на претседателот на Владата на Република Македонија г-дин Никола Груевски кај папата Бенедикт XVI, а потоа и средба на претседателот на Владата со кардиналот Тарчизио Бертоне, државен секретар на Светата Столица.

Потоа делегацијата ќе се упати во базиликата Сан Клементе каде што ќе се одржи молебен на гробот на Свети Кирил и ќе се положат венци.

Попладнето во музејот Монтемартини е предвидено отворање на изложбата “Античките теракотни фигурини” од страна на министерот за култура, г-ѓа Елизабета Канческа Милевска, а предвиден е и концерт на Ана и Игор Дурловски во пијано придружба на Алесандро д’Агостини.