Заменикот на претсетседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, преку видео порака се обрати на панел дискусијата на Бизнис Акселераторот УКИМ, „Постојана поддршка на иновациите во свет на промени“.
На настанот на кој се дискутираше за постигнувањата на Акцелераторот УКИМ во изминатите четири години и се презентираа најновите инвестиции, вицепремиерот изрази задоволство за фактот што Владата има креирано простор и систем кој овозможува развој и поддршка за раст на старт ап заедницата.
„За младите бизниси инкубаторите и акселераторите се исклучително важни и мислам дека досега имаме многу направено, но истовремено сум свесен дека за вас тоа не е доволно и дека треба уште. Бидејќи вие сте моторот на новото време, турбините на современите економии. Затоа веќе со години трпеливо го градиме еко системот кој ќе ви овозможи шанса. А за мене таа е најважна“, рече Битиќи.
Вицепремиерот додаде дека силно верува во поттикнување на стартапите и новите иновативни компании, и порача тие ќе не воведат во четвртата индустријализација.
„Со вас можеме да решаваме голем број на социјални и општествени проблеми, да ги користиме најоптимално ресурсите и да ги дигитализираме нашите компании и институции, и заедно со вас да работиме на поголема инклузивност и диверзификација, со единствена цел да имаме подобар економски и општествен развој“, кажа во неговиот говор вицепремиерот Битиќи и упати честитки за работата на Акселераторот УКИМ, за новите 3 инвестиции со што портфолио сега брои вкупно 10 стартапи.
Заменикот на претсетседателот на Владата, Фатмир Битиќи, упати честитки до младите бизниси, инкубатори и акселераторите кои добија инвестиција од Владата од над 500,000 евра и уште еден милион евра од други извори.