Во Рим отворена изложбата „Антички теракотни фигури од Македонија“
Отворете го ковчежето кое ги чува тајните на Македонија, која го носи епитетот „волшебна земја на археологијата“, земја поради која светот е поубав, порача министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска обраќајќи се пред бројната италијанска публика на отворањето на изложбата „Антички теракотни фигури од Македонија“, синоќа во музејот Монтемартини во Рим.
- Во овој импресивен музеј претставуваме дел од духовно - религиозните богатства и историските моменти од античкиот период, кои имале одраз на нашата културна оставнина. Изложбата презентира само еден мал дел од културните богатства од сите историски премрежја кои беа пронајдени на културните хоризонти на археолошките локалитети во Република Македонија, рече Канческа-Милевска.
Таа појасни дека вредните фигурини претставени на изложбата се создавани во голем временски распон, од архајскиот и раноантичкиот до раноримскиот период. Најголем дел од 220-те експонати, како што рече, илустрираат женски фигурини, како и антропоморхни и зооморфни претстави, кои се однесуваат на митолошко-религиозните верувања. Фигурините се откриени на четирите археолошки локалитети „Вардарски Рид “ - Гевгелија, „Исар”- с. Марвинци - Валандово, „Стоби” - Градско и локалитетите „Дебој” и „Горна порта” во Охрид.
- Изложбата „Античките теракотни фигурини од Македонија” плени со својата внатрешна експресија и со убавината на фигурините кои симболизираат верување, надеж, љубов кон идолите и божествата кои ги претставуваат, рече министерката за култура, притоа изразувајќи уверување дека италијанската публика и посетителите од светот ќе ги збогатат своите сознанија за духовната и материјална вистина за развојот на цивилизацијата на македонското тло.
На отворањето на изложбата, која е дел од одбележувањето на Денот на словенските просветители во Рим оваа година, присуствуваше и премиерот Никола Груевски, кој ја предводеше државно-црковната делегација во Рим и Ватикан по повод манифестацијата „Македонија во чест на свети Кирил“.
Покрај македонската делегација, присуствуваа и голем број гости од Италија, како и претставници на дипломатскиот кор.
Во рамки на културната програма во чест на Свети Кирил, во музејот Монтемартини гостите присуствуваа и на концертот на Ана и Игор Дурловски во пијано придружба на Александро Д‘ Агостини, на кој беа исполнети дела од Верди, Хендл, Росини, Моцарт, а дуото Дурловски пред италијанската публика изведе и македонски дела.
Музејот Монтемартини е втор оддел од Капитолинските музеи, најголемите и најважни градски музеи, а сместен во поранешна електрична централа, со постојана поставка која тематски се совпаѓа со изложбата која е подготвена од Музејот на Македонија.