Пречек со македонската химна за министерката Петровска во врховната сојузничка команда на НАТО во Монс

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Монс, Белгија ја посети Врховната сојузничка команда на НАТО и се сретна со нејзиниот командант, генералот Кристофер Каволи и старешините од Армијата на Република Северна Македонија позиционирани во оваа команда.

„Северна Македонија ќе го продолжи своето активно учество во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Бугарија и Романија, што е несомнен приказ за нашиот силен придонес кон колективната одбрана и безбедноста на секоја педа НАТО територија“, истакна министерката Петровска на состанокот.

Петровска рече дека нашата држава целосно го поддржува новиот Стратешки концепт на Алијансата и иницијативите кои произлегуваат од усвојувањето на Стратешкиот Концепт потврден на последниот Самит на Алијансата.

Министерката го информираше генералот Каволи дека пакетот на НАТО цели на способности кој беше прифатен, веќе е во фаза на имплементација во Северна Македонија и дека државата продолжува со вложувањето во одбраната – факт кој може да се види преку растот на одбранбениот буџет и одвојувањето на една третина од буџетот за модернизација и опремување.

Петровска и Каволи разговараа и за можностите за обука и вежби како начин за развој на интероперабилноста, при што министерката Петровска порача дека Северна Македонија ќе продолжи да го развива армискиот полигон „Криволак“, кој е и нашиот најголем и најзначаен ресурс за обука.

Генералот Каволи изрази благодарност за местото и улогата која ја има Северна Македонија во зацврстувањето на колективната одбрана на Алијансата, регионалниот фокус и придонес со армиските состави и додаде дека со членството на нашата држава во Алијансата, НАТО е посилно, а евроатлантската област – побезбедна.

Во Монс, министерката се сретна и со старешините од Армијата на Република Северна Македонија кои се поставени на позиции во Врховната сојузничка команда, на кои им се заблагодари за нивната посветеност и професионалност во извршувањето на задачите во една од двете НАТО – команди.