Петровска на годишнината од членството во НАТО: Единство и одлучност за мир, за безбедност

„Единство и одлучност за мир, за безбедност. Тоа е пораката под која денеска, сите заедно ја одбележуваме три годишнината од полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата – нашата стратешка надворешно-политичка цел цели три децении“, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје, по повод одбележувањето на годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО.

Министерката Петровска истакна дека после долго исчекување, исполнето со подеми и падови, никогаш не се откажавме и покарај теориите на заговор и различните конструкции опстоивме, не го изгубивме идентитетот и денес припаѓаме и таму каде што ни е местото.
„ Ние сме НАТО. Ние сме заедно и посилни. Ние сме сојуз на 30 еднакви нации кои ги поврзуваат вредностите кои ги живееме, вербата во принципите и правила на сојузништвото и одлучност  дека за мирот, безбедноста и сигурноста на секоја педа НАТО територија и една милијарда луѓе во светот, нема компромис “, потенцираше Петровска.

Министерката истакна дека Северна Македонија од првиот момент одлучно стои на ставот  за поддршка на суверена Украина, а за таа цел нашата држава донесе одлуки за помош и поддршка на украинскиот народ во борбата за заштита на сопствениот суверенитет и слобода.
„Донесовме одлуки за помош и поддршка на суверена земја која прави сè за да се одбрани од надворешна агресија, и тоа го направивме со разум и со цел да му помогнеме на народот кој сака само да биде свој на своето, да го заштити сопствениот суверенитет на кој има полно право“, рече Петровска.

За континуираната работа и промени кои се евидентни во министерството и Армијата, министерката  истакна: „Нашата цел не беше само да ја внесеме само Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата – со опремата која секојдневно се менува, со процедурите и процесите кои се развиваат, со кадарот кој се усовршува, со условите за работа и стандардот кој го има секој професионален војник, секој армиски подофицер и офицер.

На денешната свеченост министерката се осврна на инвестициите во одбраната, модернизацијата на Армијата и Буџетот за одбраната кој од година во година расте и се очекува следната година да изнесува 2% од БДП.
„Согласно плановите, нашата земја ќе го достигне НАТО критериумот од 2% од БДП алоциран за одбрана веќе следната година, додека вториот критериум за одвојување на 20% од одбранбениот буџет за опремување и модернизација веќе и го надминавме имајќи предвид дека во 2023 година, 33% од буџетот е токму наменет за опремување и модернизација на Армијата” рече Петровска.

За исполнетата стратешка цел полноправно членство во Алијансата министерката им се заблагодари на сите поранешни министри за одбрана и поранешни началници на Генералштабот, на сите припадници на Армијата кои се на мисии, на цивилните и воени претставници во седиштето на НАТО во Брисел и во Командите и Центрите на Алијансата, на граѓанскиот сектор и на сите вработените во Министерството за одбрана и Армијата.