Денеска во Владата на Република Северна Македонија, се одржа состанок на Платформата за јавно-приватен дијалог (ПЈПД) коj го водеше заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
На состанокот на Коморите со претставниците на државните институции на кој освен вицепремиерот Битиќи, присуствуваше и заменик министерот за финансии Филип Николоски, директорка на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, и директорката на Царинска Управа, Славица Кутиров, и Размена Чекиќ-Дуровиќ, државен секретар во Министерство за економија, се дискутираа точки поднесени од Стопанските комори меѓу кои Законот за празници поточно за барањето на Стопанските комори за измена на Законот за празниците, односно укинување дел од неработните денови.
Во разговор се заклучи дека законот за празници е носен врз основа на широки консултации на сите засегнати страни на кои се применува истиот, и бидејќи уредува прашања кои допираат до историјата и верата, и затоа за измена и дополнување ќе биде потребна една поопширна и сеопфатна дебата.
На денешниот состанок се дискутираше и за предизвиците со кои се соочуваат македонските софтверски компании кои претежно работат на домашен пазар, за законот за трговијa и идните планови и мерки на Владата за замрзнување на цените, олеснување на пристапот на работната сила од надвор, поедноставување на административните бариери за ангажирање на странски работници итн.
Вицепремиерот Битиќи ги увери претставниците на Стопанските комори кои се дел од ПЈПД да гледаат во Владата еден партнер за заедничко решавање на проблемите, и дека сите важни теми за економијата ќе бидат отворено дискутирани бидејќи само преку еден транспарентен пристап и заедничко делување ќе се најдат решение за своите барања.