Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и премиерот на Република Словенија, Роберт Голоб денеска во Љубљана потпишаа Заедничка декларација за зајакната соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Словенија, по што одражаа и заедничка прес конференција, на којашто е оценето дека денешните средби и потпишаната Декларацијасе уште еден јасен одраз на искреното, долгогодишно и цврсто пријателство и партнерство меѓу двете држави, како и патоказ за натамошната соработка.
„ Денеска направивме пресек на нашите севкупни односи. Разговараме и за други актуелни и важни регионални и меѓународни прашања, меѓу коишто секако и за војната во Украина и за нашето сојузништво и обединетост по тоа прашање.
Се договоривме и ќе се залагаме за зајакнување на билатералната соработка преку редовен политички дијалог, вклучително и преку одржување меѓувладина седница во текот на 2023 година за сите важни области за граѓаните. Заедно ја потврдивме потребата за зајакнување на стабилноста на регионот, посебно во актуелниот геополитички контекст, кога треба да се сочуваат европскиот мир и безбедност.
И затоа се согласивме, со поблиска координација на надворешните политики и со редовен политички дијалог, да придонесеме во кохезијата помеѓу земјите-членки на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Во таа насока, предвидовме консултации за актуелни прашања од регионот и надворешната политика на двете земји“, соопшти премиерот Ковачевски.
Република Северна Македонија, како што посочи премиерот Ковачевски, покажа дека знае и може активно да придонесува во регионалната стабилност и перспективи, преку политиките на еднакво општество за сите на домашен план и со политиките на добро разбирање и дијалог во регионален контекст, притоа, поставувајки се јасно и ефективно на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина, со што покажа континуитет во поддршката на европските вредности.
„Благодарам на мојот домаќин, премиерот Голоб и на Република Словенија за секогаш отворената, гласна и силна поддршка на демократскиот и евроатлантски развој на Република Северна Македонија. Таа поддршка беше на достоинствено ниво ланскиот јули, кога по цели 17 години од добиениот кандидатски статус, со пријателите како Словенија, успеавме да ги отвориме преговорите со ЕУ. Таа поддршка е од исклучителна важност и денес.
Тука, би сакал да ја поздравам словенечката поддршка и охрабрување кон сите пратеници во нашето Собрание да продолжат да работат заедно и конструктивно, имајќи го предвид сегашниот моментум и шансите да направиме нов конкретен исчекор во преговарачкиот процес, со конечна цел - полноправно членство во Унијата.
И затоа од овде, од Словенија, сакам да порачам дека Република Северна Македонија и македонските граѓани ја препознаваат својата улога во регионален и европски контекст. Силно верувам дека ќе останеме посветени и успешно ќе чекориме на европскиот пат, иако некои внатрешни и надворешни сили, можеби не го посакуваат тоа“, порача премиерот Ковачевски.
Поддршката на Словенија на патот на Северна Македонија кон ЕУ, како што констатираше премиерот, не е само политичка и декларативна, туку конкретна и практична, нагласувајки ја важноста на словенечката техничка поддршка за зајакнување на административните капацитети на државата во областа на евроинтеграциите, посебно во делот на усогласување на законодавството на Северна Македонија со законодавството на ЕУ и неговата имплементација.
„Словенија, веќе две декади го поддржува развојот на Северна Македонија со речиси 40 милиони евра во имплементацијата на реформите коишто произлегуваат од процесот на евроинтеграција, но и генерално во однос на подобрувањето на развојот на земјата.
Од примателите на словенечка развојна помош, земјите од Западен Балкан се приоритет број еден, односно 60% од словенечкиот буџет за развојна помош се доделува на земјите од Западен Балкан, а 40% на другите програмски земји.
Она што е посебно важно за нас денес, е што предвидовме и унапредување на соработката за прашања поврзани со интеграцијата во ЕУ, насочени кон успешна подготовка на Северна Македонија за членството во Унијата.
Тоа подразбира размена на најдобри практики и искуства со Словенија од процесот на пристапување во ЕУ, вклучително и преку проекти финансирани од ЕУ, со цел поддршка на Северна Македонија во исполнувањето на критериумите за пристапување“, додаде премиерот Ковачевски.
Зајакнувањето на развојната соработка, како што рече премиерот, продолжува со заедничка работа во спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан и отворањето перспективи за младите, со зајакнување на културната размена и соработката во науката и високото образование коишто се на напредно ниво, како и посебно, со унапредување на соработката во областа на економијата.
„Нашата соработка е особено плодна на полето на економијата и инвестициите. Ме радува што словенечките инвеститори имаат интерес за Северна Македонија. Словенечкиот капитал е традиционално многу присутен во нашата земја, како по обем, така и по број на инвестиции, и минатата година, трговијата меѓу две земји продолжи да расте.
Словенечките инвестиции во Северна Македонија се околу 6.9 % од вкупниот прилив на странски директни инвестиции, што ја прави Словенија 5-ти по ред инвеститор во мојата земја.
Статистиката вели дека вкупниот кумулативен прилив на странски директни инветсиции е над 400 милиони евра. Во Северна Македонија работат над 40 словенечки компании кои вработуваат 2500 вработени, меѓу нив „ТАБ МАК“, „ЛТХ“ - леарница во Охрид, инвестиција со питка вода во Пробиштип, како и на винаријата Ормож - Пуклавец во Дисан, Неготино. Тука се и пречистителните станици во Штип и Неготино.
Словенечките инвеститори имаат акции во Комерцијална банка, Охридска банка, а Нова Љубљанска Банка е сопственик на Тутунска банка, којашто е една од подобрите банки во земјата. Прва Покојнска Дружба и Нова Љубљанска Банка се со-основачи на двата приватни пензиски фонда во РСМ.
Не можам, а да не ја споменам и најголемата фотоволтаична централа во Северна Македонија - ГЕН-И, којашто ја пуштивме во употреба минатата година и којашто е исклучително важна за Северна Македонија во однос на енергетската трансформација на земјата.
Раководството на ГЕН-И можеше да ја однесе инвестицијата каде сака, на кое било друго место во регионот, па дури и во светот. Но сепак, тие ја одбраа Северна Македонија. Затоа што кај нас ја добија најдобрата поддршка и услуга и затоа што Северна Македонија денес е угледна и почитувана земја кога станува збор за странски директни инвестиции.
Со оваа инвестиција направивме чекор напред и во иднината кон енергетска независност, зајакнување на зелената економија и подобрување на животниот стандард, притоа потенцирајќи дека денес кога целиот свет се соочува со енергетска криза, Северна Македонија обезбедува чиста енергија, која ќе снабдува повеќе од 5.500 македонски домаќинства.
Ме радува што и други големи компании покажуваат интерес за нас, меѓу кои и Групацијата Перутнина Птуј.
Нашата цел е да ја зголемиме трговската размена на 500 милиони евра (во моментов е речиси 300 милиони евра) и да ја продлабочиме соработката во делот на странските директни инвестиции. Во последниов период, сведоци сме и на зголемен интерес кај македонските компании за инвестирање и извоз на словенечкиот пазар, каде веќе добро се пласираат и неколку македонски брендови.
Македонските инвестиции во Словенија достигнаа над 30 милиони евра, и се пред се во делот на металургијата“, посочи премиерот Ковачевски.
Потенцијал за соработка, како што оцени премиерот Ковачевски, има и во областа на телекомуникациите, производството на органска храна, енергетиката и туризмот, дигитализацијата, овозможување директни летови меѓу двете земји.
„Посебно ме радува што во моментов има околу 1.500 студенти од Северна Македонија на редовни додипломски и магистерски студии на Факултетот за економија и бизнис на Универзитетот во Љубљана. И лично, а и во Владата, посакуваме овие студенти, по завршувањето на студиите да се вратат во Северна Македонија и да го применат стекнатото знаење.
Европските услови за живот се потребни како за младите луѓе, така и за сите наши граѓани и уште еднаш, благодарност до Вас, пријателе Голоб, до Владата на Словенија и до граѓаните на Република Словенија, да го задржиме курсот на европскиот пат и со динамичен реформски процес, да го осигуриме членството во Европската Унија, што ние веруваме дека е возможно да се случи до 2030 година“, рече премиерот Ковачевски.
Словенечкиот премиер, Голоб, на прес конференцијата оцени дека Словенија и Северна Македонија се на иста линија и нè соединуваат одлични билатерални односи и меѓу народите.
За таа цел, како што рече премиерот Голоб, Словенија е еден од најголемите инвеститори во Северна Македонија, со можности за зголемување на трговската размена, ги посочи студентите од нашата држава кои студираат во Словенија, како мост за соработката, а Словенија го поддржува и развојот на Северна Македонија и во други области од важност за граѓаните.
„Словенија сака да ѝ помогне на Северна Македонија во сите можни форми. Постои големо разбирање на словенечкото стопанство за развојот на Северна Македонија“, рече премиерот Голоб.
Словенечкиот премиер порача дека процесот на пристапните преговори, што започна лани, не смее да запре и ја нагласи поддршката за натамошниот тек на евроинтеграциите.
„Приближувањето кон ЕУ не смее да сопре и тоа е клучната порака. Веруваме дека евроатлантскиот пат на Северна Македонија е еден од најзначајните гаранти за стабилноста на Западен Балкан.
Иако постојат доста елементи на кои не им е од интерес тоа. Ќе сториме сè да ја поддржиме оваа Влада на премиерот Ковачевски и сите остананати напори, за да ги исполниме очекувањата на ЕУ, а и ЕУ го разбира моментот во Северна Македонија“, рече премиерот Голоб, посочувајки на активната улога што ја има Словенија во Брисел и во регионот.
Во одговорите на новинарските прашања, премиерот Голоб нагласи дека Северна Македонија е дел од Европа, дека премногу чекаше на интегрирањето во ЕУ „и денес е на точка кога процесот се помести и мора да направиме сè овој процес да не запре никогаш повеќе“.
Премиерот Голоб изрази очекување дека ќе надвладее разумот кај сите политички субјекти во Северна Македонија, затоа што ова прашање не е од партиски карактер, туку станува збор за „историска можност којашто има врска со иднината“, како и изрази очекување дека до ноевмри ќе се исполнат сите услови и во декември ќе се утврди дека Северна Македонија ќе може да продолжи со преговорите со ЕУ.
Премиерот Ковачевски го посочи значењето на геополитичкиот момент и поставувањето на Сверена Македонија, како и секогаш, на вистинста страна на историјата, дека државата обезбеди единство дома, ги затвори и сите отворени прашања со соседите, стана членка на НАТО и дека, како што нагласи премиерот „после секоја голема и државничка одлука, нашата држава излегувала посилна и понапредна“.
Тоа што е пред нас, како што рече премиерот е носењето уставни измени, коишто се дел од преговарачката рамка и после нив државата исто така ќе излезе посилна бидејки следува отворање на кластерите и преговори со ЕУ за полноправно членство.
При тоа се изразени очекувања од двата премиера дека има свесност кај сите држави од регионот за потребата од проевропско функционирање во интерес на стабилноста.
По прес конференцијата, следува официјален работен ручек на делегациите, чиишто домаќин е словенечкиот премиер Голоб.