Спасовски и Поклукар: Со сплотена соработка на земјите од регионот и ЕУ земјите постигнавме одлични резултати во справувањето со илегалната миграција и криумчарењето мигранти

Денеска (04.04.2023) во Порторож, Словенија  министрите за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Словенија, Оливер Спасовски и Боштјан Поклукар на маргините од Министерската конференција  во рамки на Брдо процесот остварија  билатерална средба.

Министерот Спасовски упати благодарност до својот словенечки колега Поклукар за топлиот пречек и истакна дека особено му е драго што повторно ќе имаат можност да соработуваат и дека посветено ќе продолжат да работат на прашања од заеднички интерес како за двете Министерства за внатрешни работи, така и за нашите две пријателски земји.

„Како што и самиот знаете,  регионов и натаму се соочува со  многу безбедносни предизвици од кои би ги издвоил недозволената трговија со дрога, борбата против тероризмот и радикалниот екстремизам, финансискиот криминал и сите видови на организиран криминал, што пак нам како министри ни налага непосредна и блиска соработка помеѓу нашите две Министерства како на билатерално, така  и на регионално ниво. Приоритет и фокус несомнено и во периодот што следи како во регионов, така  и во европски рамки е миграцијата односно нелегалната миграција за која што говоревме и во рамки на оваа средба на Министри на земјите од Брдо процесот“,  истакна Спасовски

Спасовски го информираше Поклукар дека на наше огромно задоволство Република Северна Македонија на 19 април 2023 година и формално ја започнува првата операција на Агенцијата на ЕУ за европска и крајбрежна стража, за што изминатиов период беше интензивен во размената на информации и договарања со претставниците на  Фронтекс и Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија, а на 20 април  во Скопје  по тој повод е предвидена и Свечена Церемонија.    

На средбата двајцата министри за внатрешни работи заклучија дека  ефикасното организирање на секаков  вид соработка е незаменливо средство за јакнење на безбедноста на секоја земја, а со тоа и на регионот. Министрите  Спасовски и Поклукар изразија искрена благодарност  за колегите од  граничните служби на Република Северна Македонија, на службите во регионов но и од земјите од ЕУ меѓу кои беа и словенечките полициски службеници кои со сплотена соработка и преку Заедничката операција за засилен надзор на јужната граница  постигнаа одлични резултати во справувањето со илегалната миграција и криумчарењето мигранти.

Министерот Спасовски во оваа прилика го информираше својот колега Поклукар дека годинава сме домаќини на 50. Европска регионална конференција на  Интерпол што ќе се одржи од 8 до 10 мај во Охрид, одбележуваме и триесет години од зачленувањето на Републиката во глобалната криминалистичка организација, па одржувањето на Конференцијата го конципиравме и споивме и со прославата на Денот на полиција 7 мај и лично го покани министерот  и негова делегација да ни се придружи на овие настани кои се од голема важност за државата и за Министерството. Спасовски се заблагодари за целокупната поддршка што  Министерството за внатрешни работи на Република Словенија ни ја пружа на билатерално и на меѓународно ниво изминатиов период, особено во нашите напори за европска интеграција.

Од страна на министерот Поклукар беше изразена благодарноста за одличната соработка помеѓу двете МВР, а беше прифатена и поканата од страна на министерот Спасовски да ја посети Република Северна Македонија, согласувајќи се со премисата дека секоја заедничка средба носи силна порака на сигурност за сите граѓани.