Денеска, во Скопје се одржа панел дискусија на тема: Изнаоѓање на решенија за легализација, пренамена и упростување на постапката за добивање на дозволи за градба на објекти за примарна обработка на земјоделски производи- во и вон населено место, во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и здружението Знак за квалитет, со поддршка на Активноста на УСАИД – Партнерства за економски раст.
На настанот присуствуваа министерот за земјоделство Љупчо Николовски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерот за локална самоуправа Ристо Пенов и министерката за животна средина Каја Шукова, како и претставници на УСАИД, Знак за квалитет, декани на факултети, директори на институции, претставници на земјоделски здруженија и фармери. Во ваков широк состав со присуство на сите релевантни институции, се водеше јавна дебата со цел изнаоѓање на нови решенија за легализација на изградените помошни објекти, со што се очекува да се реши децениски проблем.
Министрите Николовски, Бочварски, Пенов и Шукова изразија подготвеност да дадат максимална поддршка во креирањето на нови законски решенија со вклученост на сите институции со цел изнаоѓање на заедничко решение кое ќе биде во корист на фармерите.
„Земјоделците кои се бават со примарно производство, без разлика дали е животинско или растително производство, со децении наназад се соочуваат со проблеми при градење, пренамена или легализација на придружните објекти на фармите, поради постоечките законски решенија кои се дел од законската рамка на повеќе институции. Затоа сме денес овде, сите заедно, бидејќи проблемот е многу комплексен и потребен е придонес и од другите министерства и институции за да се изнајдат нови решенија за надминување на состојбата. Она што е најважно е дека кај сите нас постои мотивираност да им помогнеме на земјоделците, да делуваме заеднички, да предложиме решенија, секоја институција според својата надлежност. Со тоа ќе им помогнеме на земјоделците да го легализираат својот имот, со што ќе бидат во можност да ги обноват своите капацитети или изградат целосно нови, на кој начин ќе станат поконкурентни и ќе им го отвориме патот за зголемен пристап до сите мерки и политики на министерството, но пред се до ЕУ фондовите и ИПАРД програмата“ потенцираше министерот Николовски и воедно ја презентираше состојбата на терен која укажува дека најголем проблем кој ги оневозможува земјоделците да аплицираат за финансиска поддршка за инвестиции во модернизација на земјоделските стопанства од ИПАРД програмата, е токму нерегуларен имотно-правен статус на фармите.
Според состојбата на терен, голем процент од сегашните одгледувалишта или не се легализирани или пак се запишани како помошни објекти во земјоделството, а како такви не можат да аплицираат за ИПАРД па дури не можат ни да аплицираат за кредит во банките.
За инвестиции во опрема за фарма, преку мерка 1 од ИПАРД програмата, се бара поседување на легален објект во кој ќе биде сместена опремата, и токму овој услов фармите не можат да го исполнат. Само за пример, за сликата да биде појасна, од вкупно 3251 поднесени апликации за мерка 1 Инвестиции во модернизација на фарми, само 60 се однесуваат на сточарско производство. А од вкупно 1982 одобрени апликации, само 36 апликации за сточарско производство се одобрени, што изнесува помалку од 2%.
Правното решение согласно Закон за земјоделско земјиште, предвидува постапка за градење на оранжерии, објекти за промоција на земјоделски производи, помошни објекти, како и објекти за примарна обработка на земјоделски производи, врз основа на барање до општината каде се наоѓа земјиштето, без потреба за донесување на било каков урбанистички план и без обврска за плаќање на комуналии. Издаденото одобрение за изградба на објект или оранжерија на земјоделско земјиште, овозможува по изградбата објектот да се запише во Агенцијата за катастар на недвижности. Ова е наједноставниот начин да се добие легален објект, но за жал состојбата на терен покажува дека се соочуваме со огромен број на веќе изградени објекти кои од многу причини не се легализирани.
До сега, во два наврати е правена измена на Законот за земјоделско земјиште, еднаш во 2012-та, а потоа и во 2019 –та година со цел бесправно изградените објекти да се легализираат. Но, очигледно овие измени во законот не се доволни и не ја сменија значително сликата на терен.
За таа цел, токму поради ваквата состојба, преку јавната панел дискусија, се донесе заклучок да се формира работна група со вклучени членови од сите релевантни институции, која ќе продолжи да работи се до решавање на проблемот со незаконски изградените објекти.