Објавен тест-урнек за кандидатите кои аплицираат за вработување во јавното здравство

Министерството за здравство денеска на својата веб-страница постави примерок на тест по чиј урнек ќе бидат изготвувани тестовите што ќе ги полагаат докторите  при стручниот дел од испитот за вработување во јавните здравствени установи.

Како што соопшти ресорното Министерство, ова се однесува на кандидатите кои аплицираат на новите работни места, а за кои изминатиот период беа распишани огласи.

- Владата преку Министерството за здравство се одлучи на два пати да обезбеди 200 согласности за вработување, односно да отвори 400 нови работни места во ЈЗУ. При вработувањето на 400 лица ќе има нови критериуми кои досега не биле случај и првпат ќе почнат да се применуваат - членот 160 од Законот за здравствена заштита, кој детално предвидува кој ќе биде начинот на вработување на здравствени работници, стои во соопштението.

Прв критериум  е просекот кој го имаат здравствените работници со високо образование и тој носи 40 бода. Вториот, кој носи 60 бода е поделен на два поткритериума (полагање стручен дел, кој носи 40 бода и познавање на еден од светските јазици - англиски, германски или француски јазик, кој носи 20 бода).

За тестот, поголемиот дел од прашањата произлегуваат од полагањето на државниот испит и со него  се опфатени повеќе области притоа,   користени се и прашања кои  секој доктор треба да ги знае пред да почне со медицинската практика.

- На овој начин, првпат Министерството за здарвство спроведува ваква  процедура за прием на здравствените работници и очекуваме дека ќе бидат вработени оние кои се најкомпетентни и со најголемо знаење, се вели во соопштението од Минстерството за здравство.