Ставрески: Ребалансот нема да намали плати и пензии и има високо ниво на капитални инвестиции

Состојбите во европската економија кон крајот на 2011 година и почетокот на 2012 беа полоши од очекувањата. Должничката криза во Европа ја достигна својата кулминација на крајот од 2011, кога се доведе во прашање и опстанокот на европската валута. Голем број на европски земји влегоа во рецесија проследена со драстично зголемување на долгот и невработеноста, при што во некои од нив како Шпанија и Грција, стапката на невработеност достигна над 24%.

Состојбите во Еврозоната дополнително се влошија во текот на април и мај, заради неизвесноста што ја донесоа изборите во Грција. Ризикот од излегување на Грција од еврозоната и опасноста што тоа сценарио ја носи за останатите ризични земји како Шпанија, Португалија и Италија, претставуваат нов голем предизвик пред ЕУ. Сето ова многу негативно се рефлектира врз инвестициите и производството во земјите од ЕУ, вклучително и во Германија и Франција како најзанчајни економии. Според последните податоци од Еуростат, над 10 земји од ЕУ имаат негативни стапки на економски раст и голем број земји се во рецесија.

Ваквите движења во Европа имаа и сеуште имаат негативно влијание врз македонската економија. Европа е главниот партнер на РМ и намалувањето на активноста и нарачките осетно се одрази врз индустриското производство и извозот на РМ кон овие земји. Во првите три месеци од 2012, индустриското производство оствари негативна стапка од 8,4%, а извозот се намали во однос на истиот период лани за 3,9%. Дополнително, изразито лошите временски услови на почетокот на годината влијаеја негативно врз градежништвото и услужните дејности, кои во минатото беа носители на економскиот раст.

Овие состојби се одразија и врз буџетот на РМ. Општото намалување на економската активност и остварените движења во последниот квартал од  минатата година и првите месеци од 2012 година, резултираа во периодот јануари – март 2012 да биде остварен дефицит на Буџетот на РМ во висина од 4.529 милиони денари или 0,94% од БДП. Тој е последица на остварени  буџетски приходи во износ од 31.800 милиони денари и буџетски расходи во износ од 36.329 милиони денари.

Во овој период од годината забележителни се отстапувања на приходите во однос на планот, иако истите  се повисоки во однос на истиот период лани за 1,2%. Тоа е значително под проектираниот износ за овој период од годината, што ја наметна потребата за прилагодување на Буџетот и консолидација на расходите со цел истите да се сообразат со реалните состојби на приходната страна и економијата во целина.

Ребалансот на Буџетот претставува навремена и адекватна реакција на Владата на РМ на наведените трендови во економијата. Имајки предвид дека Буџетот за 2012 година беше донесен во услови на неизвесност и ризици од должничката криза во Европа, со Ребалансот се обезбедува сообразување на досегашната реализација и очекуваното постепено стабилизирање на економската активност до крајот на годината. 

Основни макроекономски препоставки за 2012 година

Врз основа на антиципиран негативен раст за првиот квартал од годината и постепено заздравување на економската активност посебно во втората половина од годината, реалниот раст на БДП во 2012 година се очекува да изнесува 2,5%. Анализирано по сектори, највисок раст во 2012 година е проектиран за секторот Градежништво, следен од секторот Земјоделство и услужниот сектор во чии рамки трговијата се очекува да оствари највисок раст. 
Инфлацијата во 2012 година се очекува да остане стабилна, со проектиран раст од 2,8%. Притоа, во втората половина од 2012  се очекува да дојде до ублажување на растот на цената на нафтата на светските берзи. Очекуваното ниво на странските директни инвестиции во 2012 година, како и одржливото ниво на дефицит на тековната сметка, се фактори кои ќе резултираат во стабилна екстерна позиција. Според тоа, девизните резерви ќе се задржат на адекватно ниво за одржување на стабилен девизен курс на денарот во однос на еврото.
Ребаланс на Буџетот на Република Македонија

Со понудените измени и дополнувања на Буџетот првенствено се зачувувува фискалната дисциплина преку одржување на буџетскиот дефицит на одмерено ниво од 2,5% од БДП. Тоа е ниво на дефицит кое истовремено овозможува соодветна поддршка на стопанството и економијата во услови на нарушена економска состојба во европската економија, при истовремено задржување на државниот долг на ниско ниво.

Гледано структурно, со Ребалансот се обезбедува одржување на капиталните инвестиции на високо ниво кое е за 20% над оствареното во 2011 година, при истовремено одржување на  социјалната компонента на буџетот. Во таа насока, со Ребалансот не се намалени платите, пензиите, социјалната помош и субвенциите за земјоделците.

На приходната страна извршено е ревидирање на иницијално планираните приходи и нивно намалување за 7.218 милиони денари, односно за 4,6%.На расходната страна, извршено е ревидирање на планираните расходи за 7.531 милиони денари, или 4,5% во однос на иницијално планираниот износ. Притоа, опфатени се сите Министерства и буџетски корисници без исклучок.

По категории, предложениот Ребаланс содржи:

- Намалување на расходите за стоки и услуги за околу 1,453 милиони денари, или  8,4%, што опфаќа кратење кај сите расходи кои можат да бидат намалени, а да не го загрозат функционирањето на државната управа (расходите за патувања во земјата и странство, трошоци за телефони, договорни услуги, трошоци за репрезентација итн).
- Намалување на тековните трансфери од околу 1%, односно 950 милиони денари. Вака планираното ниво, обезбедува да продолжи редовната и навремена исплата на пензиите, надоместоци на невработените лица, исплата на здравствени услуги од ФЗОМ на јавните здравствени установи, а обезбедени се и средства за редовна исплата на стипендиите за учениците и студентите, како и нормално функционирање на дејностите во културата.
- Субвенциите во земјоделието и програмата за рурален развој остануваат во непроменет износ од 130 милиони евра
 - Намалувањето на капиталните расходи изнесува 5.572 милиони денари, со што тие и понатаму ќе бидат повисоки од ланските за 20%. Во овие рамки, предвидено е намалување пред се кај проектите кои имаат забавена динамика на реализација, со тоа што износите на намалувањата се прецизно утврдени и истите нема да ги нарушат активностите за реализација на проектите, ниту нивното навремено финансирање.

Буџетскиот дефицит, како основно фискално сидро е задржан на исто ниво од 2,5 % од БДП, односно 12.135 милиони денари, што е основен показател на дисциплинирана фискалната политика.

Покривањето на планираниот буџетски дефицит и редовното сервисирање на обврските по основ на домашниот и надворешниот долг, ќе се обезбедат од домашни и странски извори на финансирање. Во рамките на домашниот пазар, ќе продолжат политиките на емисија на долгорочни хартии од вредност со рок од 1, 3 и 5 години, со цел продлабочување на пазарот и збогатување на спектарот на инструменти.

Во целина, предложените измени  со Ребалансот на Буџетот за 2012 година ќе дадат соодветен придонес за натамошно одржување на макроекономската и социјалната стабилност, како и за подобрување на ликвидноста на стопанството и остварување на предвидениот економски раст за 2012 година.

Ви посакувам успешна и плодна дискусија.