Груевски: Црвенковски се издрибла, се виде дека прифатил проблематичен предлог
Нормално беше и се очекуваше човекот кој толку многу секојдневно се занимава со шпекулации, манипулации и извртување на вистината и фактите и обид за манипулација со граѓаните, во еден момент да се издрибла самиот себе и сега не знае како да се извади. Ме вика на ТВ дуел и сака да се извади од.... Граѓаните вчера видоа, излегоа податоците и документите кои самиот тој ги извади и се виде дека тој предлог има сериозни проблеми во делот на јазикот, националноста, кои се крајно проблематични и нејасни.
Ова го изјави премиерот Никола Груевски на барање на новинарите да даде оценка за тврдењата на Црвенковски во врска со предлогот на медијаторот на ОН Метју Нимиц од 2005 година за решавање на прашањето за името и за повикот на лидерот на СДСМ за ТВ дуел.
Предлогот Нимиц што го објави Црвенковски, според Груевски, има сериозни проблеми во делот за јазикот, националноста.
- Тие се крајно проблематични и ден денеска ме чуди зошто тој прифати такво нешто од прва, особено што Грција го имаше одбиено и зошто тој го прифати и покажа спремност за отстапување од идентитетските прашања. Тоа беше прв момент кога Македонија покажа подготвеност со експресно прифаќање и тоа на веќе одбиен предлог од Грција се покажа спремност дека може да се пазари и околу идентитетските прашања кога тие се нејасни и се напишани на начин кој не покажува дека нема гаранции. Практично таму нема ни „г“ од гаранции за идентитетот, но и во делот на јазикот и на националноста, изјави Груевски по одбележувањето на Европскиот ден на претприемачот.
Тој смета дека не е добро што Бранко Црвенковски ја користи оваа тема за дневно политички поени затоа што прашањето за името за идентитетот, националноста и јазикот е стратешко прашање за Република Македонија.
- Ако тој во основа е одговорен политичар не би требало на какви било настапи во јавноста да вади државни документи одбележани со државна тајна и да зборува за детали, а со тоа на некој начин да ја нарушува дополнително позицијата на Република Македонија, рече Груевски додавајќи дека тоа е прашање за кое што треба политичарите кога е време за тоа политичарите да разговараат, да бараат нешто што е најдобро за државата и за народот, а не да се препукуваат преку медиумите и да собираат дневно политички поени, изјави Груевски.
Изрази жалење што Бранко Црвенковски, како што рече, не дошол веројатно до други идеи за други прашања и ова прашање го користи за дневно политички поени на штета на Република Македонија.
- Не треба да не доведува сите други во таква ситуација од едно стратешко прашање за државата тој да си игра пинг понг на дневна основа. И може да направат штета на нашите понатамошни разговори со Грција по ова прашање со посредство на ОН, рече Груевски.
По барање на новинарите да го коментира објавувањето на овој докуемент од страна на Црвенковски, премиерот потенцира дека има институции кои треба тоа да го решат. Но смета дека Црвенковски свесно го направил тоа за да како што рече се прикаже како жртва и да има што да зборува на митинзите.
- Има државни институции, ќе ја разгледуваат таа работа, но тоа е уште еден показател за тоа колку човекот е подготвен по секоја цена дури и по цена за прашања поврзани за државниот интерес, затоа што нема случајно ставено на тој документ дека е државна тајна, а не е ставен сега туку уште од времето кога тој беше на функција и раководеше на некој начин со Владата и ја узурпира позицијата претседател. Тој свесно оди на злоупотреба на документи за некоја дневно политичка цел и ситни поени не гледајќи дека со тоа прави штета на интересите на државата затоа што сега во Грција сега има избори, тие ќе завршат ќе се формира влада и треба да се продолжат разговорите со нив. Сето ова што тој денеска го говори и ќе биде дел од оружјето на другата страна условно кажано дипломатско оружје кога ќе седнеме да разговараме, истакна Груевски.
Премиерот Груевски вели не може да разбере како Црвенковски после толку години во политиката не сфаќа што може да се употребува во дневно политички битки, а што не. Најверојатно, констатира, тоа е и причината за многуте порази што ги доживеа во минатото од страна на граѓаните на изборите.