Одбележана Европската недела за мали и средни претпријатија и европскиот ден на претприемачот за 2012 година

Со доделување награди за најуспешните жени претприемачи и за најдобри бизнис планови за средните училишта денеска во Скопје беше одбележана Европската недела за мали и средни претпријатија и европскиот ден на претприемачот за 2012 година.

- Претприемништвото  во светски рамки почнува да се смета за движечка сила на економскиот развој, структурните промени и создавањето на нови работни места. Колку побрзо младите сфатат дека идеите се најголемиот капитал за секој човек, толку подобро за целата држава, порача премиерот Никола Груевски.

Тој нагласи дека развојот на претпримачкиот дух во Македонија е процес што треба интензивно да се помага и поттикнува бидејќи тоа не било правено во минатото.

- Кај повеќето млади луѓе има огромен креативен потенцијал но воспитанието и менталитетот на пасивна индивидуа која не треба да влезе дури ни во најмал бизнис ризик и чија задача е да дојде до некоја диплома, а потоа да чека друг да ја вработи е нешто што е ограничувачки елемент не само кај луѓето, туку и за целото општество, рече Груевски.

Тој додаде дека таквиот ментален склоп е граден за време на социјализмот и оти е неопходно да се менува.

- Иницијални чекори за менување на менталниот склоп веќе започнаа да се реализираат. Минатата година инициравме воведување на предметот иновации и претприемништво во прва, втора и трета година во средното образование, а од септември 2013 година овој предмет ќе биде понуден и во завршните одделенија и во основното образование, рече премиерот Груевски.

Во тек се, нагласи, и интензивни обуки на тема „Иновации и претприемништво“ за над 1.200 професори од средните училишта.

- Покрај тоа ја започнавме и кампањата за поттикнување на претприемништвото со цел да го разбудиме претприемачкиот дух во целото општество, да ги поттикнеме граѓаните да се потпрат на сопствените идеи, знаење и верба во себе, да го охрабриме секој човек во државата поинаку да размислува и многу поактивно да се бори за сопствениот поквалитетен живот, користејќи го максимумот на својот потенцијал, идеи, знаења и искуство. Во тој дух е и натпреварот за најдобар бизнис план помеѓу средношколците, истакна премиерот Груевски.

Министерот за економија Ваљон Сарачини нагласи дека е општо прифатено мислењето за претприемништвото како движечка сила на секоја национална економија што обезбедува корист како на општествено, така и на лично ниво, промовирајќи одржлив раст и развој.

- Претприемачите не само што самите се вработуваат, туку истовремено креираат вработувања и благосостојба и на тој начин играат важна улога во економскиот и општествениот живот. Поттикнувањето на претприемништвото како начин на размислување и процес на создавање и развивање на економски активности преку конбинирање на ризик, креативност и иновативност е од исклучителна важност за развој на малите и средни претпријатија и креирање на нови работни места, истакна Сарачини.

Тој додаде дека малите и средни претпријатија се главен двигател на секоја, па и на македонската економија.

Евроамбасадорот Аиво Орав порача дека станува  збор за многу важен настан кој неделава истовремено се случува во 37 европски земји.

- Европската унија препозна дека малите и средни претпријатија придонесуваат значително кон развојот на европската економија и затоа ЕУ  големо внимание посветува на развојот на политиките кои создаваат еднаков терен за иден нивни развој, исткна Орав.

Извршниот директор на Еуролинк осигурување и претседател на Европската бизнис асоцијација, Александра Наќева Ружин истакна дека Европскиот ден на претприемачот во Македонија се одржува седма година по ред, а Европската недела на малите и средни претпријатија по четврти пат.

- Европскиот ден на претприемачот е европски бренд што се одржува низ различни европски градови. Македонија се приклучува кон овој европски проект кој годинава ќе обедини над 1.000 настани во 37 држави. Основната идеја на настанот е поддршка  и промовирање на свесноста за претприемништво на глобално ниво, истакна Наќева Ружин.