Отпочнува имплементација на Програма со Француската Развојна Агенција за Енергетска ефикасност во јавни згради

Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашња, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес, во просториите на Владата, имаше состанок со Амбасадорот на Република Франција, г-дин Сирил Баумгартнер и претставници од Француската Развојна Агенција и Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) GmbH.

По одобрувањето на Програма за Енергетска ефикасност во јавни згради од Зелениот климатски фонд (Green Climate Fund) во октомври 2022 година, Француската Развојна Агенција и Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) GmbH, под водство на Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашња, координација на економските ресори и инвестиции, започнува имплементацијата на Програмата преку првична идентификација и подготовка на проекти.

На состанокот се разменија мислења за Програмта за Енергетска ефикасност во јавни згради и за можностите кои и се достапни за Република Северна Македонија.

Во актуелната фаза, предвидени се 5 милиони евра како грант средства за техничка поддршка и пристап до 1,3 милијарди евра поволни кредити од проектот во кој имаат пристап и други 10 земји кои се вклучени во проектот.. Исто така, врз основа на институциите кои треба да бидат посетени од мисијата, се дискутираше и за тековните активности на државата во однос на енергетската ефикасност во зградите.

Во рамките на мисијата, а со поддршка на Кабинетот на Заменик Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашња, координација на економските ресори и инвестиции, предвидени се и дискусии со други меѓународни финансиски институции, како Светска банка, со чија помош се формира Националниот фонд за енергетска ефикасност. Активност, која исто така е помогната и од Зелениот климатски фонд.

Адаптацијата и отпорноста на инфраструктурата кон климатските влијанија се еден од најголемите предизвици во справувањето со климатските промени. 

 

Зградите се одговорни за речиси 40% од емисиите на стакленички гасови поврзани со енергијата и се очекува употребата на енергија за ладење на просторот да се удвои до 2040 година. 

 

Земјите итно треба да ги намалат емисиите што ја менуваат климата и да се прилагодат на зголемените температури и другите климатски влијанија.

Владата на Република Северна Македонија продолжува со напорите за постигнување на целите за енергетска ефикасност, овозможување на мерки и активности за заштеда на електрична енергија, а со тоа и справување со влијанијата од глобалната енергетска криза.