Ковачевски за Гласот на Америка: Со поддршка на САД решително ќе работиме на сузбивање на дезинформации

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамките на работната посета на САД даде интервју за Гласот на Америка, каде, зборуваше на повеќе теми, меѓу кои и руското влијание во Северна Македонија, како и лажните дојави на бомби и дезинформациите.

„Во однос и кога зборуваме и за дојавите за бомби, меѓутоа и кога зборуваме за еден сериозен систем на дезинформации кои што се креираа од трети земји коишто не сакаат да ја видат нашата земја ниту како членка на НАТО, ниту како членка на ЕУ, коишто, за жал, имаат свои сојузници и во нашата земја. Ние веќе имаме политички партии коишто се финансираат од трети земји, имаме поединци кои што работат за интереси на трети земји, кои што не сакаат да ја видат земјата интегрирана во ЕУ“, изјави премиерот Ковачевски.

Дезинформациите и лажните информации, како што појасни премиерот, не се ни информации, а со нив се креира хистерија и паника кај населението.

„Не е лесно да се влезе во трага на ИП адреси коишто одат преку виртуелни сервери во други земји, меѓутоа нашето МВР, нашите безбедносни служби навистина се покажаа на ниво на задачата, особено затоа што соработуваа со нашите стратешки партнери од НАТО и тука пред се мислам на САД, бидејќи со нив најмногу соработувавме во текот на изминатите месеци кога бевме изложени на сајбер напади и на хибридни напади од различен вид во дел на дезинформации. Со што безбедносните служби во тој дел навистина покажаа и капацитет, меѓутоа и желба за зголемување на капацитетот. 

Денес потпишавме и меморандум со САД во делот на борбата на дезинформациите, што значи дека во иднина ќе работиме многу поблиску со нив во делот на борбата против дезинформациите, идентификувањето од каде доаѓаат, идентификувањето на точките во нашата држава кои што ги шират тие дезинформации, менување на законската регулатива со цел обезбедување на поголеми можности со цел управување на целиот систем на спречување на лажни вести“, рече премиерот Ковачевски за Гласот на Америка, оценувајќи дека тоа е подолгорочен процес кој што ќе треба да резултира со медиумски етер базиран на вистински информации и демократските принципи на кои што почива нашата држава.