Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Прилеп, присуствуваше и се обрати на настан по повод означување на почетокот на реализацијата на автопатската делница Прилеп-Битола, како дел од активностите за изградба на Коридорот 10-д, кој заедно со Коридорот 8 е најголемиот инфраструктурен проект во историјата на државата.
Во прилог го пренесуваме интегралното обраќање на премиерот Ковачевски:
„Чест и задоволство ми е што денеска го означуваме почетокот на реализацијата на најголемиот инфраструктурен проект во нашата држава на Коридорот 10-д, преку подготвителните работи, кои веќе можете и да ги забележите, тука на оваа траса, на идната автопатска делница Прилеп-Битола.
Ова е проект којшто е од национален и стратешки интерес за државата, од кој придобивка ќе имаат граѓаните, економијата и државите коишто ги поврзува овој Коридор. Изградбата на Коридорот 10-д е траен влог и наследство за идните генерации.
Драго ми е што и нашите стратешки партнери САД, ја препознаваат важноста на владините политики што ги преземаме за развој на инфраструктурата, особено бенефитот што ќе го има не само нашата држава, туку и соседните држави од изградбата на најголемиот инфраструктурен проект, Коридорите 8 и 10-д. И за време на мојата работна посета на САД, добивме силна поддршка и беше изразено огромно задоволство, што токму конзорциум „Бехтел и Енка“, составен од американска и турска компанија е изведувач на овој стратешки проект.
Изведбата на делницата Прилеп-Битола, како дел од Коридорот 10-д, во должина од 40 километри, заедно со автопатските делници од Коридорот 8, претставуваат најголема капитална инвестиција во нашата земја, која ќе биде пресвртница во развојот на нашата држава.
Инвестиција, со чијашто реализација нашата држава конечно од кружен тек на Балканот станува вистинска крстосница на Балканот. Инвестиција, со којашто Северна Македонија ја позиционираме на економската и инфраструктурната карта на Европа. Тоа што беше многугодишна стратешка определба на многу влади, оваа Влада денес го реализира.
Денес проверував еден факт, а тоа е дека од осамостојувањето на нашата држава, скоро во 90% од времето министри за транспорт и врски биле или од Прилеп или од Битола или од Ресен и никогаш не го направиле автопатот меѓу Битола и Прилеп. Затоа министер од Штип, Благоја Бочварски заедно со Ејуп Рустеми ќе го направат автопатот од Прилеп до Битола или од Битола до Прилеп, како милуваат граѓаните.
Вложуваме во капитални проекти од историска важност, бидејќи не само што ги поврзуваме градовите, регионите, туку и ја поврзуваме нашата држава со околните држави и со светот, со модерна патна инфраструктура која ќе привлече туристи, но и странски инвеститори со што ќе се подобри имиџот на нашата држава во светски рамки.
Коридорите 8 и 10-д, кои досега беа само на хартија, се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор. За прв пат, преку модерна инфраструктура после 30 години се поврзуваме со исток и запад, се поврзуваме со нови пристаништа во Драч и во Бургас, ги зајакнуваме транспортните врски со регионот.
Придобивките од изградбата на овој проект се огромни и од повеќе аспекти. Изградбата на коридорите 8 и 10-д значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП од 2% годишно во наредните пет години. Паралелно, со реализацијата на овој проект, се отвораат можности за нови бизниси, изградба на нови објекти од различни дејности, бензински пумпи, ресторани, хотели, одморалишта, деловни објекти. Тоа се можности за отворање на нови работни места, за вработување на жителите од регионите каде што ќе поминуваат автопатските делници од коридорите.
Кај нас најразвиени се регионите кои се наоѓаат на коридорот 10, а најмалку развиени се регионите кои се наоѓаат на никогаш изградениот коридор 8, североистокот и југозападот на земјата. Со ова обезбедуваме и рамномерен регионален развој имајќи предвид дека веќе се гради експресниот пат кон границата со Бугарија.
Отворањето на нови бизниси значи и нови даночни обврзници и нови приливи во државната буџетска каса, што дополнително влијае врз развојот на стопанството, бизнис заедницата, и крајно растот на економијата и можности за вложување во подобро образование, здравство и подобри услуги за граѓаните.
Инвестираме во современи, модерни патишта коишто ќе ја подобрат безбедноста и квалитетот во патната инфраструктура.
Од 2017 до 2022 година се вложени 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта. Во последните 32 години, во државата се изградени и пуштени во употреба 186 километри автопати или по 5,8 километри автопат годишно. Сега, со Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10-д, започнавме со подготвителните работи за изградба на околу 110 километри автопатишта во следните 4 години или по 23 километри автопат годишно.
Со промената на актуелните законски решенија ќе се обезбеди побрзо и поквалитетно изведување на коридорите, но и на сите идни стратешки проекти како овој, со што го трасираме патот за брз економски раст на државата.
Законските измени се предвидени и за патната и за железничката и за енергетската инфраструктура од стратешко значење за државата.
Токму овие бројки, се доказ за нашата посветеност во подобрување на условите за животот на граѓаните. Со изградбата на двата коридори 8 и 10-д, парите на граѓаните ги вложуваме во нивната иднина, во безбедни патишта, квалитетна инфраструктура и подобри, конкурентни работни места.
Инвестирањето во патиштата е и инвестиција во нашата иднина. За реализација на големите стратешки проекти потребни се храбри и одлучни чекори во интерес на граѓаните.
Повеќе пати сум изјавил и овој пат ќе повторам-нема да отстапам од инвестиции во инфраструктурата и од инвестициите во енергетската независност на државата, инвестиции во зголемување на енергетските капацитети на државата, бидејќи тие се предуслов за економски раст на државата, за подобра иднина на сите нас.
Моја цел и целта на Владата, е да имаме просперитетна држава со модерни и безбедни патишта, држава која ќе се темели и ќе ги промовира четирите слободи на кои и Европската Унија почива - слободно движење на луѓе, капитал, стоки и услуги.
Слободно движење не постои без изградба на коридори. Верувам дека овие цели за нас се достижни, затоа што нема недостижна цел.
Владата на Република Северна Македонија и понатаму ќе продолжи по патот на прогресот, ќе продолжи да инвестира во инфраструктурата и во проекти кои ќе обезбедат брз напредок и просперитет на државата, подобри услови за животот за сегашните и идните генерации на наши граѓани.
Посакувам успешна работа и изведба и на овој Коридор 10-д, кој ќе донесе подобра иднина за нашата држава, но и за државите околу нас и пошироко.
За крај, сакам да им порачам и на Министерството за транспорт и врски и на Јавното претпријатие за државни патишта и на „Бехтел и на Енка“, другари и другарки, дами и господа – да се фатиме за работа, доста беше зборување.“