Грковска: ИСО стандардите е важно да се имплементираат, тие се клучен елемент во справувањето со корупцијата, но и во градењето на ефикасни институции

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска се обрати на Националната конференција за акредитација на меѓународни стандарди како алатка за спречување корупција, организирана од Институтот за акредитација на Република Северна Македонија, со поддршка од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES) и Агенцијата за меѓународен развој на САД (USAID).

Осврнувајќи се на процесите на акредитација, кои се тесно поврзани со процесите на стандардизација во едно општество, вицепремиерката Грковска ја истакна неопходноста од систем на правила кои ги дефинираат и определуваат интерните процедури, со цел да се создаде ред, бидејќи кога нема точно дефинирана патека на процесите, тогаш се создаваат услови за корупција.
 
Вицепремиерката Грковска ја истакна проактивноста на директорот на Институтот за акредитација, Слободан Чокревски, кој го отвора прашањето за имплементација на ИСО системот 37 001 (Систем за управување против корупција и зголемување на довербата во институциите), како и ИСО 27 001 (Систем за управување на информациска безбедност).

„Овие две прашања, спречувањето на корупцијата, но и градењето на информациската сајбер безбедност и отпорност се клучни прашања на кои сите ние заедно, координирано мораме да се посветиме. Имајќи го предвид значењето на ИСО системот 37 001, преку соодветна иницијатива и со поддршка на меѓународни партнери, преземаме активности за негово вградување, првенствено во системот на работата на мојот Кабинет, а верувам понатаму тој процес ќе продолжи и во останатите државни институции“, истакна вицепремиерката Грковска.

Таа посочи дека овие два системи не се доволно актуелизирани во нашата држава, поради што нема нивна поголема прифатеност и имплементација ниту во јавниот, ниту во приватниот сектор. Затоа е неопходно прво да се обезбедат акредитирани институции кои ќе имаат доволно знаење и вештини за да работат на имплементација на овие системи на пошироко ниво.
 
„Воспоставувањето на правила, процедури и стандарди е основата на секој здрав систем, на секое здраво општество, независно за која сфера станува збор“, нагласи вицепремиерката Грковска, додавајќи дека ваквото подобрување на процесите директно влијае на подобрување на ефикасноста на институциите и квалитетот на услугите, ја намалува корупцијата и ја зголемува довербата на граѓаните.

Таа потсети дека таа уште минатата година преку Меморандум за соработка, нејзиниот Кабинет помина низ процес на соодветни обуки, но и додаде дека Владата на нејзина иницијатива им препорача на органите на државна управа да воспостават тесна соработка со Институтот за стандардизација, со цел воведување на стандарди и процедури на сите нивоа. На тој начин, смета Грковска, ќе се намалат ризиците од корупција, но и од каков било вид на слабости во работењето.