Кабинет на вицепремиерот Битиќи: Рокот за аплицирање на компаниите за склучување на договори за финансиска поддршка на инвестиции по Законот за финансиска поддршка на инвестиции е до 31-ви мај

Преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции, Владата на Република Северна Македонија дава поддршка за инвестиции на компаниите кои ја зголемуваат нивната конкурентност преку нови производствени процеси, воведување на нови технологии и креирање на подобро платени работни места.

Поддршката, довербата и партнерскиот однос од година во година расте, што го покажува и бројот на потпишани договори за државна помош.

Во Законот за финансиска поддршка на инвестиции воведовме нови, афирмативни мерки, првата е за поддршка на рамномерниот регионален развој, со која компаниите добиваат дополнителен стимул за инвестирање во помалку развиените региони. А втората е мерка која ги поттикнува и поддржува компаниите да инвестираат во истражување и развој.

Ги избришавме разликите помеѓу домашни и странски компании, денес сите компании кои работат во нашата земја се наши, домашни компании, со исти услови и можности да добијат поддршка од државата.

 

  • Субјекти кои можат да бидат корисници на финансиска поддршка се деловни субјекти:
    • кои започнале продуктивна почетна инвестиција и
    • кои оствариле пораст на вкупни приходи од работењето во последната година во однос на просекот од претходните три години или за пократок период доколку деловниот субјект е регистриран и започнал со дејност во период пократок од четири години сметано од денот на доставување на барање за доделување на финансиска поддршка и
    • кај кои просечниот број на вработени во последната година во однос на просекот од претходните три години не бил намален за повеќе од 5% или за пократок период доколку деловниот субјект е регистриран и започнал со дејност во период пократок од четири години сметано од денот на доставување на барање за доделување на финансиска поддршка.
  • Рокови
    • за склучување на договори за финансиска поддршка за инвестиции – најдоцна до 31 мај 2023 година
    • за поднесување на барања за исплата на финансиска поддршка за реализирани инвестиции во претходната година – најдоцна до 31 август 2023 година
  • Видови на финансиска поддршка за кои деловниот субјект може да аплицира:
    • Поддршка за нови вработувања;
    • Поддршка за воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи од Република Северна Македонија;
    • Поддршка за воспоставување на организациони облици за технолошки развој и истражување;
    • Поддршка за инвестициски проекти од значаен економски интерес; 
    • Поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи;
    • Поддршка за преземање на деловни субјекти во потешкотии;
    • Поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот;
    • Поддршка за инвестиции во помалку развиените региони за поттикнување на рамномерниот регионален развој.