Вицепремиерот Битиќи беше дел од тркалезната маса на тема „Домувањето и младите во Северна Македонија“

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи се обрати на отпочнувањето на дискусијата на тема, „Домувањето и младите во Северна Македонија“, организирано од Организацијата за домување и станари (ОДС) и Фондацијата „Фридрих Еберт“ (ФЕС).

Во неговото воведно обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека прашањето на домувањето зазема централно место, особено кога станува збор за помладите генерации.

„Пазарот на домување за многу млади поединци и семејства може да биде тешко достапен или во голем број и недостапен, што во нашата култура значи и попречување на нивната способност да постигнат независност, стабилност и чувство на припадност.

Денес сме овде преку инклузивна дискусија, да споделиме знаења, искуства и идеи, во насока да стекнеме подлабоко разбирање за предизвиците со кои се соочуваат младите поединци во пристапот до соодветно домување и да дојдеме до практични мерки или модели кои ќе дадат одговор на нивните посебни потреби“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека домувањето не се однесува само на обезбедувањето на пристапност до градба, стан, куќа, туку станува збор за поширока социјална категорија која во себе вклучува создавање на заедница, негување на благосостојба и чувство на припадност.
 
„Младите имаат потреба од стабилност и поддршка за да напредуваат, да ги реализираат своите соништа и да придонесат за развојот на општеството. Уверен сум дека денеска ќе имаме отворени, конструктивни и иновативни дискусии кои, меѓу другото, ќе истражат нови пристапи и модели насочени кон зголемување на пристапноста на младите до квалитетни опции за домување, усогласени со нивните потреби кои постојано се развиваат“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи во неговото обраќање ја посочи важноста за заедничко делување на надлежните државни институции, граѓанските организации, претставници на младински и студентски организации и на други актери кои се засегната страна може да создадеме иднина во која секој млад човек ќе има можност да напредува и да најде место кое ќе го нарече дом.

„Поддршката за младите е еден од клучните приоритети на оваа Влада, поради што се прават повеќе институционални напори, на ниво на јавни политики, за зголемување на нивната финансиска стабилност и осамостојување, што може да биде и позитивен фактор во унапредувањето на условите за домување. Ќе го споменам Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2023 година, кој е насочен и кон зголемување вработливоста на младите преку преквалификации или платени пракси. Воведовме дополнителен додаток на плата од 3.000 денари за младите до 23 години кои работат во производство.  Со ова право во 2021 година беа опфатени вкупно 2.500 лица, додека во 2022 година бројката се зголеми на 3500 лица, очекуваме овој позитивен тренд годинава да продолжи“, кажа Битиќи, и додаде дека за првпат на младите како Влада им понудивме јасна слика и визија за иднината на држава преку Националната развојна стратегија 2022-2042, со што тие добиваат силен институционален поттик своите очекувања и професионални стремежи да ги насочат кон Северна Македонија, каде ќе може да добијат чувство на стабилност и припадност на заедницата.

„Институционално уважување младите добиваат и преку Националната стратегија за млади 2023-2027, која претставува стратешки документ со кој се утврдуваат целите и приоритетите за развој на младинските политики и унапредување на интересите на младите. Главната цел на стратегијата е да ја унапреди положбата на младите во општеството преку овозможување на младите да ги остварат своите права, потреби и интереси. Унапредувањето на условите за домување на младите во Северна Македонија дополнително се катализира со нашата посветеност на забрзување на динамиката на евроинтегративните процеси и определбата за полноправно членство во Европската унија“, рече Битиќи.

На крајот на своето обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека оваа тркалезна маса треба да се искористи како можност да ги поставиме темелите за посветла иднина на младите, во која домувањето нема да биде пречка, туку отскочна поткрепа за нивните аспирации.