Владина делегација предводена од премиерот Груевски во посета на Шведска, Финска, Данска и Норвешка

Делегација на Владата на Република Македонија предводена од претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски од утре до петок (4-8 јуни 2012 година) ќе ги посети Кралството Шведска, Република Финска, Кралството Данска и Кралството Норвешка, каде што е предвидено да се остварат средби на највисоко политичко ниво, како и бизнис презентации на Република Македонија пред повеќе заинтересирани инвеститори од овие земји.

Покрај претседателот на Владата, во состав на владината делегација ќе бидат и заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, г-дин Владимир Пешевски, министрите за привлекување странски инвестиции, г-дин Веле Самак и г-дин Бил Павлески, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, г-дин Христијан Делев.

Претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски во Стокхолм е предвидено да оствари средба со премиерот на Кралството Шведска, г-дин Фредрик Рајнфилд, а покрај ова предвидени се средби и со спикерот на Парламентот на Кралството Шведска, г-дин Пер Вестерберг, потоа со министерот за трговија, г-ѓа Ева Бјорлинг, со градоначалникот на Стокхолм, г-ѓа Маргарета Бјорк, како и со претседателот и извршниот директор на Шведскиот трговски совет, г-дин Улф Берг.

Во Хелсинки претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски ќе оствари средба со претседателот на Република Финска, г-дин Саули Ниинисто, а ќе присуствува и на вечерата што во чест на македонската делегација ја приредува амбасадорот на Канада во Република Финска, г-дин Кристофер Шапраданов, кој што по потекло е Македонец.

Потоа во Копенхаген претседателот на Владата, г-дин Груевски ќе оствари средби со премиерот на Кралството Данска, г-ѓа Хелен Шмит, со претседателот на Парламентот на Кралството Данска, г-дин Могенс Ликетофт, како и со претседателот на Данск индустри, г-дин Ди Карстен Дибвад.

Претседателот на Владата г-дин Никола Груевски ќе го посети и Осло каде што е предвидена средба со премиерот на Кралството Норвешка, г-дин Јенс Столтенберг.

За време на престојот во Стокхолм, Хелсинки, Копенхаген и Осло владиниот економски тим ќе присуствува на бизнис форуми на кои ќе ги претстави економските и инвестициските потенцијали на Република Македонија пред повеќе шведски, фински, дански и норвешки компании, а предвидено е одржување и на поединечни средби со претставници на потенцијални инвеститори од овие земји.