Бизнис заедницата, земјоделците и студентите го поздравуваат новиот пакет владини мерки

Бизнис заедницата, земјоделците и студентите го делат мислењето дека најновите 12 мерки на Владата ќе ја остварат целта - подобрување на економско-социјалната сфера во државата.

Предложениот сет активности, велат, ќе овозможи отворање нови работни места, поголемо искористување на ЕУ фондовите и континуирано, поквалитетно образование.

Бизнис заедницата со позитивна оценка за најновиот пакет мерки на Владата

Сојузот на стопански комори (ССК) ги поздравува и во целост ги поддржува најновите 12 мерки на Владата за подобрување на деловното работење и севкупната економско-социјална состојба во државата.

Како што изјави извршниот директор на ССК Митко Алексов, бизнис заедницата веќе ги проанализира вчера најавените владини пакет-активности и ги подели во два сегмента, првиот ги опфаќа мерките кои се директна инјекција за стопанството, особено за малите и средните претпријатија (МСП), а вториот оние што  индиректно ќе придонесат за зголемување на домашната, пред се, лична потрошувачка.

- Како мали и средни фирми ќе поддржиме секакви чекори и активности кои се во насока на подобрување на деловното работење и целокупната економска состојба во земјата бидејќи кризата во евро зоната и глобалната економска криза го погодува токму реалниот сектор во Македонија, а најпогодени се секако малите и средните претпријатија, рече Алексов.

Според него, во првиот сегмент мерки треба посебно да се нагласи докапитализацијата на Македонската банка за поддршка на развојот, предвидените 10,7 милиони евра со три отсто каматна стапка за стратешки сектор како што е земјоделството и преработката на храна.

- Ова е барање и предлог кој ние подолго време го дискутираме и бараме од Владата. Добро е што почна. Не само што го поздравуваме и поддржуваме, како што реков, туку и сметаме дека во следниот период исто така треба да се одредат, дефинираат и други сегменти кои би требало на овој начин да бидат поддржани, посочи Алексов.

Анализата на ССК елаборирана со бројки за среднорочен период од 5 до 6 години покажува дека малите и средните претпријатија можат нивото на невработеност да го сведат на 15, 16, максимум 17 проценти. Оттука, оценуваат бизнисмените, мерката за кредитирање до 3.000 евра за едно вработено лице со еден процент каматна стапка и една година грејс период е добар почеток и во насока на нивната стратегија.

- Ова пред се е од огромна корист за микро и малите претпријатија. Дел можеби ќе биде и за средните меѓутоа најголема корист ќе имаат токму старт-ап компаниите, кои почнуваат свој бизнис и кои по дефиниција се во постојан недостиг на свој иницијален капитал. Оваа мерка ќе биде добредојдена за овие компании, напомена Алексов, додавајќи дека тука е можеби најважна кредитната линија од Европската инвестициска банка вредна 100 милиони евра за поддршка на МСП.

Вториот сегмент мерки кои не се директно насочени кон компаниите е повторно многу позитивен и поволен за малите и средни претпријатија. - Независно дали станува збор за ваучери од 250 евра за компјутери за апсолвенти или за  3.000 деца од социјално загрозени семејства на кои ќе им се овозможи седумдневно летување или зимување, планираните буџетски средства за овие намени ќе отидат кај туристичките капацитети, операторите со храна,... Лицата, пак, кои ќе извршуваат јавни работи ќе примаат одредени средства, пари кои ќе се јават на пазарот во вид на потрошувачка/побарувачка за одредени производи. Тоа индиректно ќе придонесе за раздвижување на малите и средните фирми, на претпријатијата во Македонија, истакна извршниот директор на Сојзуот на стопанските комори.

ИТ секторот ги поздравува најновите владини мерки

ИТ фирмите во Македонија ги поздравуваат новите владини мерки за доделување ваучери на апсолвенти од социјално загрозени семејства и за вработување преку познат работодавач што треба да се реализираат до крајот на годинава.

- Начелно ги поддржуваме двете мерки на Владата, но за деталите ќе се произнесеме за два до три дена и ќе излеземе со конкретни предлози. Било која мерка која контрибуира за заздравување на индустријата е добредојдена од наша страна, изјави претседателот на МАСИТ Игор Бимбиловски по средбата со министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски на која им ги образложи новите владини мерки.

Во наредните два до три дена, посочи, ќе излеземе со наши конкретни предлози како да се реализира со најголем бенефит за сите проектот за доделување на ваучери на апсолвенти од социјално загрозени семејства, кои ќе ги доставиме до министерот Ивановски. Дискутиравме, додаде, и за праксите на студентите кај познати работодвачи што начелно го поддржуваме.

- Како Комора сакаме да дадеме свој придонес и за праксите, бидејќи од големо значење е фирмите, студентите и Владата да учествуваат во процесот на градење на одржлива база на експерти од ИТ индустријата во Македонија, рече Бимбиловски.

Тој нагласи дека се уште не направиле проценки колку невработени ќе можат да апсорбираат ИТ компаниите од новите владини мерки.

- Генерално целата економија се соочува со одржливоста на бројот на вработени. Не станува само збор за нови вработувања и нови пракси, туку и за одржување на моменталниот број на вработени во оваа индустрија која во определени сегменти, а посебно во сегментот на хардверот во последните две до три години бележи пад на вкупниот обрт на пазарот како последица на светската економска криза, рече Бимбиловски.

Во новиот пакет од вкупно 12 мерки кој го најави Владата, ќе се доделуваат и ваучери за компјутери за апсолвенти на државните универзитети кои се од социјално загрозени семејства. Се претпоставува дека околу 3.000 студенти на овој начин ќе добијат ваучер.

Илјада лица ќе бидат вработени со третата мерка за вработување преку познат работодавач. Ќе аплицираат лица на возраст до 27 години кои ќе минат низ обука за практиканство. Агенцијата за вработување ќе им исплаќа по 4.000 денари месечно додека се на обука. Предност ќе имаат лицата со образование и вештини блиски до потребите на работодавачот, кој ќе има обврска да вработи најмалку 50 отсто од оние кои ќе ја минат обуката.

Земјоделците ги поздравуваат најновите владини мерки

Земјоделците ги поздравуваат најновите мерки на Владата за легализација на земјоделските објекти, опремата, нерегистрираните трактори и тракторските приколки. За поддршка се, велат, и мерките кои предвидуваат доделување 850 хектари на плодоуживање за социјално необезбедените лица.

- Земјоделството не е она што беше пред неколку години, работите се од корен променети не само во однос на субвенциите. Тоа го овозможи Владата која, преземајќи конкретни чекори, покажа дека е вистински ангажирана за решавање на проблемите во аграрот. Во таа насока се и овие, најнови мерки што ги соопшти вчера премиерот Никола Груевски, изјави Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците на Македонија.

Според него, легализацијата на објектите е посебно добредојдена за сточарството, а генерално ќе овозможи поголемо искористување на ИПАРД средствата. Легализацијата на механизацијата, пак, ќе овозможи регистрација на старите трактори, на донесените од европските пазари како половни без соодветна документација или на купените дома пред 20 години за кои е изгубена документацијата.

Сојузот смета дека позитивно врз земјоделството ќе се одрази и владината мерка која на компаниите ќе им обезбеди поволни кредити зашто на тој начин, како што рече Тантаров, тие ќе може да земат средства за навремена исплата на откупеното производство.

- Ова е голема новина што ние целосно ја поддржуваме. Сега ќе се намали рокот на чекање на парите од оние што купуваа пченица, сончоглед, грозје. Ако постои расположение, купувачите ќе може да земат поволни кредити за навреме да го исплатат производството, а земјоделците нема да чекаат со месеци, нагласи Тантаров.

Со легализацијата на тракторите, правите земјоделци ќе дојдат до израз, точно ќе се знае кој професионално се занимава со оваа дејност, оцени Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители. Легализирањето на објектите, пак, е добредојдено за задругите кои при формирањето најчесто користат напуштени, стари простории.

- Верувам дека вистинските земјоделци ќе ја искористат шансата и ќе ја регистрираат механизациајта за поскоро да дојдат до средствата што навистина им се потребни во текот на сезоната кога треба да ја обработуваат површината, изјави Данчо Милески, претседател на Сојузот.

Слично размислува и бизнис заедницата. - Европските фондови треба максимално да се искористарт. Токму тоа ќе го овозможи легализацијата на земјоделските објекти и на тракторите. Оваа мерка е во правец на подобрување во овој дел, за што поголемо искористување на ЕУ фондовите, потенцира Митко Алксов од Сојузот на стопанските комори.

Студентска поддршка за новите владини мерки во економско - социјалната сфера

Студентскиот парламент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ го поддржа пакетот мерки кој вчера беше презентиран во Владата, а има за цел да ја подобри  социјално-економската состојба во државата.

- Со тие мерки на голем број студенти ќе им се овозможи вработување, а оние од социјално загрозените семејства ќе добијат ваучер за компјутер. Апелираме до Владата и понатаму да продолжи со вакви реформи и мерки со што и понатаму би се подобрил студентскиот живот во Република Македонија, истакна Иван Живковски претседател на СПУКМ.

Во новиот пакет од вкупно 12 мерки кој го најави Владата, покрај мерките за вработување и самовработување, ќе се доделуваат ваучери за компјутери за апсолвенти на државните универзитети кои се од социјално загрозени семејства.

- Со овој проект на секој апсолвент ќе му се додели ваучер за компјутер во висина од 15.500 денари, односно 250 евра. Овие средства се доволни за купување на персонален компјутер кој на апсолвентите ќе им помогне во континуираното надградување на компјутерските вештини и користење на современи алатки и програми при финализирање и продолжување на високото образование, како и при вработувањето по завршување на студиите, истакна Груевски.

Критериуми за доделување на ваучер е апсолвентот да студира на државен универзитет, да живее во семејство кое е корисник на социјална помош или чии приходи на двата родители се до 12.000 денари.