Ковачевски за „360 степени“: Македонскиот јазик и идентитет се загарантирани и заштитени со преговарачката рамка, одлуката за продолжување на европскиот пат е за иднината на сегашните и идните генерации

„Сега е моментот да се обединиме, рамо до рамо, сите, да ја донесеме оваа одлука, заради иднината на сегашните и идните генерации“, порача претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, во вечерашното интервју за емисијата "360 степени" на ТВ Алсат.

„Оваа одлука е за граѓаните на државата, оваа одлука е за обичниот граѓанин на државата, за оној граѓанин кој што станува секое утро и оди на работа. Ова е за оние граѓани кои што работат во медицинските центри во државата, ова е за наставниците, ова е одлука за младите, ова е одлука за земјоделците, ова не е одлука за една мала група на луѓе кои што и со ЕУ и без ЕУ, живеат на висока нога, повисока и од некои земји членки на ЕУ. Ова е за граѓаните, за обичниот граѓанин кој што си ја сака својата држава, којшто си ја сака иднината на своите деца да им биде во ЕУ, ама во земја членка на ЕУ, Северна Македонија. А не децата да ни одат во туѓина да живеат во ЕУ, ама во туѓа држава, тоа го заслужуваат граѓаните. Ова е одлука за највредниот граѓанин на државата, за оној кој што со труд, со пот, со мака, со работа, ја гради државата 32 години“, изјави премиерот Ковачевски.

Во интервјуто премиерот нагласи дека уставните измени се дел и се предвидени со преговарачката рамка.

„Стапувањето во сила на уставните измени е регулирано во преговарачката рамка каде што јасно стои дека имаме чист македонски јазик и преговарачката рамка е на македонски јазик. Јавно е тоа. Преговарачката рамка го заштитува македонскиот идентитет“, рече премиерот Ковачевски потенцирајќи дека не постои никаков друг услов кој што може да произлезе од преговарачката рамка и дека во наредниот период голема европска држава ќе донесе резолуција со која го потврдува македонскиот јазик, култура, идентитет како дел од идентитетот на ЕУ. Она што веќе е прифатено, а тоа е барањето на ВМРО – ДПМНЕ е да има завршни и преодни одредби во кои што, уставните измени влегуваат на сила, во моментот на одржувањето на втората меѓувладина конференција. Тоа е во рамки на преговарачката рамка. Се надвор од ова е прекршување на преговарачката рамка која што ние ја имаме добиено после 17 години чекање од ЕУ“, оцени премиерот во вечерашното интервју за „360 степени“.