Со конференција на тема „Едукација за демократска култура – од политика до практика“ денеска започна имплементацијата на новиот проект „Квалитетно образование за сите“ чија цел е јакнење на демократските капацитети на учениците, а го имплементира Советот на Европа со финансиски средства обезбедени од германската влада.
Во своето воведно обраќање, министерот за образование и наука Јетон Шаќири изрази поддршка и посака успех во спроведувањето на планираните активности.
„Целите на проектот целосно се совпаѓаат со визијата на Владата за градење на образовен систем што ќе создава личности со развиени демократски капацитети кои ќе знаат да ги почитуваат различностите, ќе бидат толерантни, ненасилни и предизвиците ќе ги надминуваат по мирен пат. Ова се всушност и цели на Стратегијата за образование 2018-2025 која се спроведува во полн ек. Добар дел од овој стратешки документ е насочен кон развој и промовирање на демократијата во училиштата и во таа насока, досега имаме спроведено бројни активности“ рече Шаќири.
Тој потсети дека во основното и во средното образование кај нас има посебен предмет – граѓанско образование, по кој учениците стекнуваа знаења за демократските принципи и важноста на нивната примена. Посочи и дека новата Концепција за основно образование усвоена во 2021 година, промовира мултикултурализам, инклузивност и родова сензитивност.
„Врз основа на Концепцијата, изработени се 8 национални стандарди за постигањата на учениците, согласно европската рамка на стандарди кои се темелат на клучните компетенции за доживотно учење од европската референтна рамка, а еден од тие стандарди е со наслов – општество и демократска култура. Тоа значи дека по завршување на основното образование, од учениците се очекува да стекнат компетенции да се однесуваат одговорно, демократски, и мотивирано и активно да се вклучат во општествениот и граѓанскиот живот“, додаде министерот.
Шаќири оцени дека проектот доаѓа во вистинско време, кога државата го забрзува темпото за да стане членка на големото европско семејство и од земја во развој, да биде третирана како развиена земја, меѓудругото со големи демократски капацитети.
„Убаво е што ќе слушнеме бројни искуства, сугестии и препораки денеска. Очекувам од дебатата да произлезат конкретни заклучоци, кои би можеле да бидат дел од националните политики во иднина“, рече министерот.