Ковачевски во посета на компанијата „Еврос Комерц“: Успеавме да се издигнеме над предизвиците, обезбедивме помош за компаниите и ги задржавме работните места

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска беше во посета на компанијата „Еврос Комерц“ од Старо Нагоричане, специјализирана за производство на фина картонска амбалажа.

Компанијата е помогната со државна помош од над 56 илјади евра, финансиски средства кои ги искористиле за набавка на висококвалитетна машина за виткање и лепење на кутии за фармацевтската индустрија, како и за нов производствен погон за виткање и лепење на упатства за лекови.

Во продолжение Ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:

„Кога имаш визија, кога имаш верба во успех, успехот на крајот е неминовен. Визијата на компанијата „Еврос комерц“ која денеска ја посетуваме овде, во мојот роден крај и по 30 години постоење од оваа компанија е жива.

Јас се сеќавам како млад човек кога оваа компанија започна со својата работа, драго ми е што наследниците на компанијата успеаја да изградат една респектабилна компанија во која се произведуваат производи кои практично ги гледаме на најпознатите производи во фармацевстката индустрија и тука и во земјите од регионот.

Верувајќи во мотото „добро спакуван производ е добро продаден производ“, Еврос Комерц денес се истакнува како пример во полето на осмислување и реализација на иновативни решенија за пакување на брендови за нашите најреномирани компании.

Од мал субјект во 1993 година, оваа компанија денес брои 37 вработени и се специјализираше во производство на фина картонска амбалажа и пакување на производи од фармацевтската, автомобилската, кондиторската, чевларската и другите индустрии.

Вредните раце на овие работници создаваат препознатлива, уникатна амбалажа на полиците во маркетите, аптеките и на разни други продажни места земјата и регионот. А, со нив и нивната работа, се гордееме и ние бидејќи преку конкретни мерки ја помогнавме изградбата на нивниот бренд и нивниот имиџ кој денес симболизира професионализам.  

Оваа компанија досега има користено државна помош од над 56 илјади евра, финансиски средства кои ги искористиле за набавка на висококвалитетна машина за виткање и лепење на кутии за фармацевтската индустрија, како и за нов производствен погон за виткање и лепење на упатства за лекови.
 
Овде има машини кои на просторите на бивша Југославија ги има само во Словенија и во оваа печатница тука во С.Нагоричане.

„Еврос Комерц“ е само една од стотиците компании кои во изминатиот период ги помогнавме преку конкретни мерки за одржливост и што подобро справување со финансиската и енергетска криза, меѓутоа и за поттикнување на нивниот инвестициски развој.

Во 2018 година го инициравме Законот за финансиска поддршка на инвестициите, којшто беше усвоен и во Собранието со цел да обезбедиме помош и поддршка, покрај странските и на домашните компании.

Затоа сакам да се заблагодарам и на пратениците од ИЕ 2, пратениците кои се од градот Куманово, кои навистина имаа слух овој закон да биде донесен во Собранието.

Само во текот на 2022 година, по основ на овој закон, обезбедивме 23 милиони евра директна финансиска помош за 410 компании, што е најголема државна поддршка за домашни компании досега. Волку висок износ на финансиски средства наменети за компаниите никогаш претходно од основањето на државата не бил направен.

Драго ми е што нашите мерки за домашните компании во Ковид кризата, како и по неа покажаа резултати. И покрај сомневањата, сепак успеавме да се издигнеме над предизвиците, да обезбедиме помош за најранливите категории на граѓани, меѓутоа и да обезбедиме финансиска помош компаниите кои работеа за време на кризата и да можат да инвестираат и да ги задржат работните места и работниците да добиваат редовно плати.

Затоа, во време на кризата обезбедивме антикризни мерки во износ од 760 милиони евра кои беа највисок пакет на антикризни мерки во сите земји од регионот.

Денес имаме 8% намалување на невработеноста и 9,5% зголемување на вработеноста, највисоко ниво на просечна плата, веќе е над 36000 денари по вработен, што е најголем најдобар показател за економскиот раст и развој.

Секоја компанија е делче од мозаикот на домашниот пазар, а сите заедно се сликата за европска Северна Македонија. 

Преку професионализмот, стручноста и посветеноста на нашите компании се издигнуваме над границите на нашата земја и стануваме препознатливи во светот. 

Затоа и на почетокот кажав дека оваа компанија произведува амбалажа за производи кои се познати и се користат во сите земји од регионот.

Благодарам на домаќините за нивното гостопримство, за то а што се вредни, сакам да им посакам многу успех во иднина и успех и на наследниците на Саше и на Росица. Многу успех во унапредувањето и развојот на оваа компанија.