Грковска во работна посета на Брисел
Заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Славица Грковска, од денеска е во работна посета на Брисел, каде што ќе оствари низа средби со високи претставници на европските институции.
Во рамки на посетата планирани се поединечни средби на вицепремиерката Грковска со Вера Јурова - комесар за вредности и транспарентност и Јоханес Хан – комесар за буџет и администрација.
Работната посета на вицепремиерката Грковска на Брисел ќе вклучи и состаноци со Виле Италиа, Генерален директор на Европската канцеларија за борба против измами (OLAF) како и со Микела Матуела, вршителка на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за европска соседска политика и преговори за проширување (DG NEAR).