Денес министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, оствари средба со министерката за надворешни работи на Канада, Мелани Жоли, која претстојува во работна посета на Северна Македонија.
Соговорниците ги разгледаа можностите за развој на билатералните односи со акцент на економската соработка, бизинс релациите и трговската размена, при што ја поздравија значајната улогата и придонесот на нашата дијаспора во Канада во овој контекст. Воедно, Османи ја брифираше Жоли за европското досие на Северна Македонија, изразувајќи благодарност за континуираната канадска поддршка за нашиот евро-интегративен процес.
„Имавме навистина продуктивна средба на која отворивме важни прашања за нашите билатерални односи кои пред неколку години ги издигнавме на ниво на стратешко партнерство. Особено ја цениме оваа посета која доаѓа во клучен момент за европската иднина на земјава. Како искрен пријател и партнер, Канада силно ја поддржува нашата европска перспектива и нашето членство во Европската Унија, и сакам јавно да се заблагодарам за целокупната канадска поддршка за реформските процеси, за нашиот евро-интегративен пат, што беше реафирмирано и на денешниве разговори” истакна Османи.
На средбата стана збор и за одличната соработка на мултилатерален план, како и активностите во рамките на нашето претседавање со ОБСЕ. Воедно, беа разменети мислења за сојузништвото во рамки на НАТО, со фокус на силната поддршка за Украина, како и заедничките заложби за зачувување на меѓународниот мир и безбедност.
„Заеднички придонесуваме за зајакнување на Источното крило на НАТО и тука би сакал да го потенцирам учеството на наши војници во Зајакнатото истурено присуство во Латвија, како дел од словенечкиот контингент каде, пак, рамковна нација е Канада. Ваквата соработка во мултинационалните борбени групи говори за нашиот активен придонес за зачувувањето на целокупната трансатлатска сигурност, денес кога сите земји членки на НАТО сме соочени со предизвиците од руската воена агресија.”- рече Османи.
За време на нејзиниот престој во Скопје, Жоли ќе оствари средби со претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, како и со министерката за одбрана, Славјанка Петровска.