Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на официјалната посета на Индија, денес оствари средба со својот индиски хомолог, Субраманјам Џаишанкар.
Во фокус на разговорите беше развојот на пријателските односи меѓу Северна Македонија и Индија, со акцент на можностите за унапредување на трговската размена, зајакнувањето на економската соработка и бизнис врските.
„Северна Македонија придава големо значење на развојот на односите со Индија, со која иако географски оддалечени, тесно не’ поврзува ликот и делото на Мајка Тереза. Пред нас се отвораат широки потенцијали за јакнење на соработката во бројни области, пред се’ во делот на ИТ индустријата, агробизнисот, обновливите енергии, медицината и туризмот.”- нагласи Османи
Воедно, Османи истакна дека покрај развојот на соработката на билатерално ниво, потребно е заеднички да се работи и на поврзување на регионите, при што ја лансираше идејата за одржување Форум Западен Балкан – Индија.
„Задоволство ми е да ја претставам идејата за одржување Форум Индија-Западен Балкан, што има за цел регионално поврзување и разгледување на можностите за раст и развој во значајни области од интерес. На овој начин се отвара можност за продлабочување на економските односи, но и целокупната соработка меѓу нашите региони",истакна Османи.
На средбата стана збор и за соработката на мултилатерално ниво, при што беше поздравена значајната улога на двете земји на меѓународната сцена, особено во делот на адресирањето на актуелните глобални состојби преку претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и на Индија со Г20.