Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, се сретна со делегацијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) која престојува во нашата земја предводена од Фриц Башмаир, при што реализира средби со повеќе институции кои имаат надлежност во доменот на буџетските расходи.
Целта на посетата на делегацијата на ММФ е да слушне од прва рака за состојбата со буџетските расходи, поконкретно за т.н. прегледи на расходи (Spending reviews), како увертира на теренската мисија на ММФ во Скопје најавена за септември.
Фриц Башмаир го информираше вицепремиерот Битиќи дека ММФ веќе има работено со неколку земји на имплементација на буџетските расходи како алатка за подобрување на услугите на Владата преку наменско и транспарентно трошење на јавните средства.
Вицепремиерот Битиќи од негова страна се заблагодари за интересот на ММФ за институционализирање на оваа функција во нашата земја, и ја информираше високата делегација на ММФ дека Северна Македонија веќе три години работи за изготвување на Националната Развојна Стратегија (НРС) која наскоро треба да биде изгласана во Собранието, со што преку прегледот на расходи како алатка, секое Министерство на транспарентен начин ќе ги троши буџетските средства според претходно утврдените приоритетите за трошење.
Вицепремиерот Битиќи рече дека поддршката на ММФ во делот на буџетските расходи е многу важна, бидејќи транспарентното трошење на буџетските средства претставува стратешки приоритет на оваа Влада.