Ставрески: Владата ќе помогне за санација на штетата од земјотресот во Охридско
Владата ќе помогне за санација на штетата кај куќите и другиот имот оштетени од земјотресот што во четвртокот го зафати охридскиот регион, информира денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески
Тој по посетата на село Белчишта заедно со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, истакна дека комисија формирана од општината ќе излезе на терен да направи проценка на штетата.
- Општинска комисија ќе излезе на терен да ги погледне куќите да види каде има оштетување на имотот. Врз основа на таа проценка владина комисија ќе заседава и ќе ги оцени вкупните трошоци и ќе обезбедиме средства во Буџетот, изјави Ставрески.
Посочи дека ќе бидат обезбедени средства онолку колку што ќе биде потребно за целосно да се обноват куќите и имотот на жителите од погодените места.
- Ќе им помогнеме да ги обноват своите домови, да можат да се вратат и да се чувствуваат побезбедно, но и да можат да живеат нормално, рече Ставрески.
Градоначалникот на општина Дебрца Љупчо Којчиноски информира дека оштетување има и во другите населени места Велмеј, Лешани, Слатино...
- Досега се пријавени 20-ина куќи од Белчишта, а од другите населени места уште немаат доставено пријави, изјави Којчиноски.
Локалната самоуправа, додаде тој, презема мерки. За в понеделник е закажана седница на Советот на која ќе се формира комисија за утврдување на штетите и од понеделник ќе излегува на терен.