Груевски: Посетата на четирите скандинавски држави помина успешно, постигната е целта
Посетата на четирите скандинавски држави, Шведска, Финска, Данска и Норвешка, помина успешно, постигната е целта, оцени премиерот Никола Груевски.
- Се сретнавме и извршивме презентација пред над 200 компании во овие четири држави и со голем дел од нив имавме поединечни средби на коишто се распрашуваа за детали поврзани со нивниот сектор, односно бизнисот којшто го работат. Верувам дека дел од нив во наредните месеци или година ќе дојдат да поработат повеќе на подготовки за отворање на нивни компании во Македонија и правење бизнис или инвестирање во Македонија, изјави македонскиот премиер.
Видов, нагласи дека компаниите тука многу малку знаат за Македонија, и за предностите коишто ги нуди државата за инвестирање.
- Не се запознати ниту со ниските трошоци за правење бизнис, потпишаните договори за слободна трговија со цела Европа, стабилната макроекономска ситуација и сите други предности коишто ги има Македонија. Многу од компаниите ни потенцираа дека за првпат слушаат за овие работи и дека со задоволство ќе ја посетат Македонија, истакна премиерот Груевски.
Според него, фирмите од четирите скандинавски земји се позаинтересирани да бараат нови локации за инвестирање во држави што не се дел од еврозоната или од Европска унија во време кога во ЕУ се случува европска должничка криза и рецесија, а еврото на некој начин е во деликатна ситуација.
- Се чини дека доаѓаањето во овој период е посебно важно и е во вистински момент. Тоа посебно го нагласи и министерката за трговија на Шведска која рече „дојдовте во прав момент затоа што баш сега нашите фирми бараат дестинации коишто се надвор од опасноста од еврозоната“. Така што од тој аспект мислам дека е полн погодок доаѓањето во овој период во четирите скандинавски земји, нагласи премиерот Груевски во оценката на посетата.
Од политички аспект, додаде, имавме високи средби со три премиери, со еден претседател и со двајца претседатели на собрание на коишто ги презентиравме условите во Македонија поврзани со политиката и нашите аспирации за НАТО и ЕУ.
- Тоа се главно држави коишто ја поддржувале досега Македонија за членството во НАТО и ЕУ, некои од нив се членки на НАТО, некои на ЕУ, некои имаат некои немаат евровалута, меѓутоа сите се влијателни држави и во Алијансата и во Унијата. Разговори и аргументите коишто ги дадовме, посебно во делот со уцените коишто ни ги прави Грција поврзани со името и со нашето членство во НАТО и во ЕУ, верувам дека во иднина ќе имаат свој придонес во нивните понатамошни ставови и активности поврзани со поддршката на Република Македонија, нагласи македонскиот пермиер.
Владиниот економски тим предводен од премиерот Никола Груевски во чиј состав се и вицепремиерот задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, министрите за привлекување странски инвестиции Веле Самак и Бил Павлески, како и заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот Христијан Делев, во изминатите четири дена ги посети Шведска, Финска, Данска и Норвешка каде ги претстави економските и инвестициските потенцијали на Република Македонија пред повеќе заинтересирани компании.