Отворен Дневен центар за стари лица и Центар за давање помош во домашни услови

Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска во Скопје отворија Дневен центар за стари лица и Центар за давање помош во домашни услови.

Отворањето на двата центри се случува само два месеци по потпишувањето на  трипартитниот договор за соработка меѓу Министерството за труд и социјална политика, Град Скопје и Црвен крст на Град Скопје, кој беше склучен на 30 март годинава.

Министерството за труд и социјална политика со потребна опрема и инвентар учествуваше во адаптација и опремување на Дневниот центар, а за оваа активност Министерството издвои 700.000 денари.

- Би сакал искрено да им се заблагодарам на вработените и на градоначалникот на Град Скопје, на Црвениот крст на Република Македонија и на Црвениот крст на Град Скопје, затоа што секогаш ни помагаат во реализацијата на нашите проекти, а еден од нив е и Стратегијата за грижа на стари лица, којашто Министерството ја имплементира во неколку чекори, изјави министерот Ристовски.

Тој изрази надеж дека реализацијата на овој проект ќе значи пример и за другите градоначалници како можат да им го разубават животот на своите пензионери и повеќе да се грижат за старите лица во нивните општини.

Градоначалникот Трајановски истакна дека Градот Скопје за реализација на овој проект од Буџетот издвои 2 милиони денари.

- Во овие центри, дел од активностите коишто ќе се реализираат секој ден ќе бидат едукации на теми што се интересни и корисни за старите лица, друштвени или натпреварувачки игри како бинго, шах, пикадо, ќе се организираат разни креативни работилници, како и заеднички прошетки, истакна скопскиот градоначалник.

Според него, на овој начин ќе се овозможи организиран начин на минување на времето на старите лица, но и нивна меѓусебна социјализација.

- Шеесет изнемоштени стари лица коишто живеат сами ќе добиваат грижа, односно медицински и социјални услуги во домашни услови. Ќе им бидат извршени мерења на шеќер во крвта, мерења на притисок, давање совети за исхрана, помош во купување прехранбени продукти, лекови и сл., придружба на старото лице при одење на лекар, на прошетка, како и други активности за социјализација. Во Центарот е отворена и телефонска линија на којашто граѓаните ќе можат да се јават и да добијат информации за функционирањето на Дневниот центар и можностите за користење на услугите, истакна Трајановски.

Градот Скопје ќе се грижи за одвивање на програмата во Дневниот центар за старите лица да добиваат соодветен третман и квалитетни содржини што ќе го збогатат нивното секојдневие, а вработените во Црвениот крст на Град Скопје, однодно еден социјален работник, еден психолог, четири медицински лица и 34 волонтери ќе се грижат за квалитетот на програмата, наменета за старите лица, што ќе го посетуваат Дневниот центар. Домашна посета за почеток ќе се врши на околу 180 стари лица.

Предвидените активности се реализираат согласно со Оперативниот план за 2012 година за спроведување на Националната стратегија за старите лица 2010-2020 година и Програмата за активностите во областа на социјална, детска и здравствена заштита на Град Скопје, за 2012 година.

Од Градот Скопје велат дека и во иднина ќе презема сериозни чекори кон развивање форми на вонинституционална заштита и обезбедување грижа и здравствена заштита на стари и изнемоштени лица и ќе реализира активности кои ќе водат кон унапредување на квалитетот на живот, здравјето и психофизичката состојба на старите лица, задоволување на здравствените и социјалните потреби и нивна социјализација. На овој начин на повозрасните граѓани ќе им биде овозможено да живеат здрав, активен и независен живот.