Од октомври евтини авио летови до шест дестинации

Летови на шест нови дестинации од македонските аеродроми ќе почнат од крајот на октомври годинава. Тоа го најави денеска премиерот Никола Груевски истакнувајќи дека постапката за субвенционирање авио летови од страна на Владата е во завршна фаза.

- Најавивме дека ќе објавивме меѓународен конкурс за таа намена, тоа веќе е во завршна фаза и наскоро ќе ги објавиме деталите, изјави Груевски одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на 14 нови книги од областа на медицинската наука како дел од владиниот проект за превод на илјада стручни книги , на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Во комбинација за шесте нови дестинации наброја премиерот се Дортмунд, Базел, Малме, Ајнховен, Милано...Воедно Груевски го поздрави најавеното директно поврзување на Скопје со Дубаи кој што лет ќе го реализира од октомври авиокомпанијата Слајд Дубаи. Сето тоа е дел од напорите на Владата за привлекување и отворање повеќе авио линии кон Македонија, истакна Груевски.

Тоа, според него, ќе помогне првенствено за македонските граѓани кои ќе имаат поголем избор за директни летови, за доаѓање повеќе туристи, како и за инвеститорите кои секогаш прашуваат дали има директен лет со државата или каква е конекцијата.