Груевски: Штип ќе добие нова болница, медицински факултет и акцелератор

Штип  ќе добие нова болница и медицински факултет, но воедно ќе биде место каде што преку набавката на акцелератор граѓаните од цела источна Македонија ќе немаат потреба од патување во Скопје и ќе ги добиваат соодветните медицински услуги на едно место.

Тоа го најави денеска премиерот Никола Груевски кој за претстојните активности за изградба на болница и медицински факултет разговараше со ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип Саша Митрев и деканот на Медицинскиот факултет Никола Камчев, во присуство на министрите за здравство и за образование и наука Никола Тодоров и Панче Кралев, како и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ од Штип.
 
Премиерот информира дека е завршена проектната задача за болницата и веќе се рачистени имотно - правните односи. Сега почнува проектирањето, процес што ќе трае околу шест месеци по што, како што најави, ќе биде распишан тендерот за изградбата на тој здравствен објект.

Во близина на болницата планирано е да се изгради и објект за медицинскиот факултет, а веројатно, според Груевски, изградбата на двата објекта ќе се одвива паралелно.

На средбата во Универзитетот „Гоце Делчев“ е направен преглед и на сегашните активности за набавката на опремата што е значајна на универзитетот, а особено за медицинскиот факултет. Меѓу нив е набавката на акцелераторот за зрачење на болните од рак, што е во завршна фаза, како и на ангиографот, апарат што се користи при интервенции во инфарктни состојби и стентирање. Такви апарати, посочи премиерот Груевски, нема ниту во Штип, ниту во источна Македонија, а набавката за нив е во завршна фаза. Сепак, укажа Груевски, за нивно користење ќе треба изградба на посебни објекти. За акцеларотор потребен е посебен бункер поради зрачењето, односно  ќе треба да се испочитуваат одредени стандарди.

- Сега ќе се работи  на проектирање посебна зграда каде ќе биде акцелераторот. Првин треба точно да се знае кој ќе биде победник на тендерот за, според стандардите на компанијата што ќе го испорача, да се изгради и зградата каде што ќе биде сместен. Во секој случај Штип ќе стане место каде ќе ги има овие значајни апарати бидејќи поголем дел од жителите на источна Македонија веќе ќе немаат потреба да патуваат во Скопје во случај на потреба од зрачење или стентирање, појасни Груевски.

Тој додаде дека на средбата со првите луѓе на штипскиот универзитет разговарале и за потребата од одредени измени во Законот за високо образование за да им се овозможи на професорите на Медицинскиот факултет истовремено да работат и на клиничката болница.

При посетата на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип премиерот Никола Груевски присуствуваше на промоција на 14 нови наслови од областа на медицинската наука, дел од владиниот проект за превод на илјада стручни научни книги и учебници од кои се учи на врвните и најреномирани универзитети во САД и Англија од областа на правото во Франција и Германија.