Шаќири домаќин на меѓународна конференција за високо образование: Со размена на искуства и заедничка акција, државата и регионот забрзано се интегрираат во глобалниот образовен простор

Република Северна Македонија е домаќин министерска конференција посветена на обезбедување квалитет во високото образование во земјите од Западен Балкан, која Министерството за образование и наука ја организира со поддршка на Секретаријатот на иницијативата за образовни реформи во Југоисточна Европа - ERI SEE. 

Во следните два дена во Скопје, министрите за образование и наука на Северна Македонија, Србија и Црна Гора, заменик министерот за образование на Литванија, како и над 80 други претставници на институции, образовни и научни установи од регионот, а воедно и експерти од Европската унија, ќе дискутираат за предизвиците на високото образование во регионот и акцијата која треба да се преземе за подигнување на неговата конкурентност во пошироки рамки. 

Посакувајќи им добредојде на гостите од другите држави, министерот за образование и наука Јетон Шаќири ја отвори конференцијата и изрази очекувања дека ќе бидат разменети позитивни искуства и ќе се усвојат заклучоци кои ќе бидат патоказ за креирање на идните политики со кои ќе се подобри квалитетот на високото образование во секоја од земјите од регионот. 

„Зборуваме за тема која е исклучително важна. Квалитетно високо образование ја зголемува шансата за квалитетно вработување, односно создава добро подготвени кадри кои лесно се вработуваат на добро платени позиции и одговараат соодветно на обврските. Од друга страна пак, високообразовниот систем треба да има функција на подобрување на квалитетот во основното и средното образование, така што ќе обезбеди добро подготвен наставен кадар, наставни програми и поврзување на трите нивоа на образование“, рече Шаќири.
 
Верувам ќе се согласите, додаде тој, дека не е прашање дали треба да се интервенира во високото образование, туку каква акција ни е потребна и таа да започне час поскоро, особено во земјите во развој, како категорија во која повеќето од нас припаѓаме. 

„Затоа што образованието, вклучително и високото, е жива материја која постојано се менува. Зависи од бројни општествени и глобални фактори, трендови и движења и ние мораме системите да ги прилагодуваме на промените кои се случуваат во сите други сфери и сегменти“, додаде министерот. 

Потенцираше дека Владата на Република Северна Македонија и Министерството за образование и наука посветуваат големо внимание на квалитетот на високото образование, особено во последните неколку години. Како што рече, иако можеби нашите високообразовни установи ги нема на ранг листите со топ 500 универзитети во светот, сепак политиките кои ги креираме со учество на сите засегнати страни, очекуваниот ефект ќе го дадат на среден, односно долг рок. 

Информираше за низа остварувања на актуелната Влада во делот на унапредување на квалитетот на високото образование и науката, потенцирајќи го носењето на новиот Закон за високото образование, како и отворањето на неколку нови институции и тела кои делуваат во оваа насока. 

„Во државата имаме две релативно нови институции, кои во минатото не постоеја – Национален совет за високообразование и научно истражувачка дејност и Агенција за квалитет во високото образование, формирани во последните 2-3 години. Тие имаат свои надлежности, независни од министерот, со што, на некој начин ги елиминиравме сомнежите дека како политичка фигура, било кој министер за образование би можел да има политичко влијание врз носење на одлуки кои не одат во прилог на академската и научната заедница или може да наштетат во одредена ситуација“, рече Шаќири, додавајќи дека сепак, постои одлична соработка и комуникација на дневна основа која овозможува детектирање и надминување на предизвици и конечно - транспарентна и правилна имплементација на Болоњскиот процес, согласно заеднички договорените Стандарди и насоки за обезбедување квалитет во Европската област на високото образование. 

„Во моментов работиме на 4 клучни стратешки документи кои одат во прилог на градењето квалитетен национален систем за високо образование и кои треба да бидат усвоени во 2025 година -  национална програма и уредба за финансирање на високо образование, како и национална програма и уредба за финансирање на научно-истражувачка дејност. Носител е Националниот совет за високо образование, но пристапот е повторно инклузивен“, потенцираше министерот. 
 
Шаќири рече дека на државата и е потребна поддршка не само од овдешните институции, академската и научна заедница, туку особено важни се искуствата на околните земји и на Европската Унија. Нагласи дека и Северна Македонија има што да сподели на оваа конференција како позитивни практики, особено во делот на грижата кон студентите, поддршката на научните и високообразовните установи за обезбедување на нова лабораториска опрема, финансирањето на научни проекти од јавен интерес и дигитализацијата. 

„Од оваа конференција очекувам многу. Најважно е да ги зацврстиме релациите, да се обединиме за да напредуваме и поединечно како држави и како регион кој може и мора да биде конкурентен на глобалниот образовен простор“, заклучи министерот за образование и наука.