Усвоен Извештајот за националната визија за одржлив развој на Македонија

Македонија веќе ја има поставено рамката на политиките за одржлив развој преку мерките, активностите и насоките дефинирани во Националната стратегија за одржлив развој.

Тоа го  покажува анализата од Извештајот за националната визија за одржлив развој на Република Македонија, подготвен од домашни експерти во оваа област,  што ќе биде презентиран на Конференцијата за одржлив развој РИО + 20, која треба да се одржи  во Бразил од 20-ти  до 22-ри  овој месец. Извештајот го усвои денеска владиниот  Национален совет за одржлив развој (НСОР). 

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој ќе ја предводи македонската делегација во Бразил,  по седницата на НСОР истакна оти Конференцијата РИО+20, организирана од Обединетите нации,  е еден од најважните глобални настани посветени на одржливиот развој, со учество на владини претставници на високо ниво,  како и илјадници учесници од приватниот сектор од целиот свет. 

Целта на конференцијата е да се дефинираат насоките и мерките кои треба да се преземат со цел да се обезбеди поправичен, побезбеден, почист, позелен и попросперитетен свет за сите, наведе пешевски.

На конференцијата ќе се изврши евалуација на досегашниот напредок и ќе се разгледаат  новите предизвици во областа на одржливиот развој. Централниот фокус на конференцијата е да се обнови и да се зајакне политичката посветеност кон одржливиот развој. Главни теми на дискусија ќе бидат како да се изгради зелена економија за да се постигне одржлив развој и да се намали сиромаштијата, вклучувајќи поддршка за земјите во развој и како да се подобри меѓународната координација за одржлив развој. 

Извештајот за националната визија за одржлив развој на Република Македонија, кој е финансиски поддржан од УНДП,  претставува сеопфатна анализа каде систематски се прикажани напорите на Македонија за постигнување одржлив раст и развој и нивното преклопување со целите и очекувањата на РИО+20 и ставовите на ЕУ во Стратегијата за одржлив развој – Европа 2020. 

Македонската Национална стратегија за одржлив развој е усвоена во 2010 година. Во неа особено внимание се посветува на интегрирањето на димензијата на одржлив развој во правните рамки и институционалната поставеност како неопходен придружен елемент на политиките за економски и социјален раст и развој, како и  на поттикнување на развојот  за промена на структурата на приходи во руралните региони во државата.  Во стратегијата е дефинирана и потребата од придонесување кон поголема конкурентност, економски раст и создавање нови работни места, подобрување на социјалниот, економскиот и еколошкиот квалитет на човековите населби и животното работното опкружување.