Петровска на конференцијата на началници на Генералштаб на земјите членки на САД – Јадранската повелба: Успешен регионален механизам со потврдени резултати

Министерката за одбрана Славјанка Петровска, утрово се обрати на годишната конференција на началници на Генералштаб на земјите – членки на САД – Јадранската Повелба, на која присуствува и генералот Кристофер Каволи, командант на Армијата на САД за Европа.

Во своето обраќање, министерката истакна дека на 20 – годишнината од воспоставувањето на оваа иницијатива, можеме да кажеме дека таа донесе видливи резултати, особено имајќи предвид дека четири од петте земји во А5 се и полноправни членки на НАТО.

„Резултатите од дејствувањето и соработката на оваа иницијатива се повеќе од видливи и нашироко препознаени. Четири од постојните пет нејзини членки се полноправни членки на НАТО алијансата, но и заеднички придонесувавме во поддршка на меѓународниот мир и во меѓународните операции првично како А3, а денес како А5. Нашиот заеднички придонес во мисијата ИСАФ и Одлучна поддршка беа широко препознаени и високо вреднувани од нашите сојузници“, рече министерката.

Петровска се заблагодари за континуираната американска поддршка, која, потенцираше, беше најсилен мотиватор за реализација на евроатлантските агенди на членките на Повелбата. Дополнително, министерката се осврна и на Концептот за ревитализација чија имплементација започна под претседателство на Северна Македонија, а преку кој се интензивираше меѓусебната соработка и се развија нови идеи и проекти.

Обраќањето на министерката Петровска, ви го пренесуваме во целост:

„Оваа година е јубилејна година која одбележува 20 години постоење на САД – Јадранската Повелба. Во изминатите две децении Иницијативата се докажа како успешен регионален механизам за јакнење на довербата меѓу земјите членки и пошироко. Резултатите од дејствувањето и соработката на оваа иницијатива се повеќе од видливи и нашироко препознаени. Четири од постојните пет нејзини членки се полноправни членки на НАТО алијансата, но и заеднички придонесувавме во поддршка на меѓународниот мир и во меѓународните операции првично како А3, а денес како А5. Нашиот заеднички придонес во мисијата ИСАФ и Одлучна поддршка беа широко препознаени и високо вреднувани од нашите сојузници.

Оваа година, под претседателство на Република Северна Македонија започнавме со имплементација на Концептот за ревитализација на А5. Концептот ја постави соработката меѓу земјите членки на ново повисоко ниво. Во финална фаза на подготовка е заедничкиот придонес со Мобилниот тим за обука кој ќе биде упатен на почетокот на ноември во двонеделна мисија во НАТО Мисијата во Ирак со мандат за поддршка на обуката на Ирачката армија. Палетата на идеи и проекти за соработка продолжува и во рамки на развојот на одбранбените способности во рамки на НАТО процесот на одбранбено планирање и исполнувањето на обврските од Целите на способности и Партнерските цели, а потоа и во рамки на заедничката обука и извежбување на силите, кризниот менаџмент и во други области.

Почитуван Генерал Каволи,

Поддршката на САД и EUCOM во имплементација на проектите во рамки на А5 е од непроценливо значење. Во изминатите две децении, САД беа најсилните мотиватори и поддржувачи на европските и евроатлантските агенди на земјите членки на Повелбата. Без вашата несебична поддршка сите ние немаше да бидеме онаму каде што сме денес. Благодарни сме за Вашата поддршка кон сите нас. Убедена сум дека поддршката ќе продолжи со несмален интензитет и во следниот период и во реализација на идните планирани проекти во рамки на Повелбата.

Почитувани началници на Генералштаб,

Изминатите две децении покажаа и докажаа дека взаемната соработка, довербата и недвосмислената поддршка се движечки постулати на регионалната соработка. Убедена сум дека Вие сте силни поборници за продлабочување на оваа соработка. Впрочем, денешната Конференција и го докажува тоа преку темите на разговор. За прв пат се нотира годишниот извештај и се дава отчетност за сработеното во изминатата година. Ќе се сложите сите дека отчетноста е алатка за сите нас и така треба да продолжиме.

Свесни сме за промените во безбедносната околина во Евроатлантската војна кои настанаа со неиспровоцираната и неправедна агресија на Русија врз Украина. Оваа војна придонесе да се променат и доктринарниот и концептуален пристап во војувањето денес, а и во иднина. Позната ни е и улогата која ја имаат хибридното војување, дезинформациите и современите технологии на бојното поле. Тоа се предизвици на кои сите ние заедно треба да одговориме час поскоро. Темата која е предмет на дискусија на оваа Конференција е навистина предизвик за сите нас како и со кои механизми ќе одговориме денес и во иднина. Верувам дека има доволно мудрост, умешност и вештина да се пронајдат вистинските механизми за одговор на овие предизвици на современото војување.

Почитувани,

Соработката со вас ни дава за право да бидам сигурна кога велам дека успешно се справувате со овие предизвици и уште поуспешно ќе го правите тоа во иднина, но пораката која сакам да ја испратам е дека време е таква решителност и мудрост, да биде препознаена од политичките лидерства на нашите земји и земјите од регионот и енергијата да ја насочиме кон решавање на проблеми, а не на создавање нови.

Ви посакувам многу успешна конференција“, истакна министерката.