Седница на Економскиот совет: Банкарскиот систем останува стабилен

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа редовна седница на Економскиот совет со која претседаваше претседателот на Владата, г-дин Никола Груевски. На седницата на Економскиот совет се разгледуваа информациите за тековните макроекономски движења, при што беше заклучено дека и покрај предизвиците кои што доаѓаат од последните случувања во еврозоната, банкарскиот систем во Република Македонија останува стабилен. Економскиот совет, исто така, ја разгледуваше информацијата и за тековните активности во технолошко-индустриските развојни зони, а воедно беа разгледани и предлог текстовите на законите за минерални суровини, за геолошки завод на Република Македонија, како и предлог измените во Законот за концесии и јавно приватно партнерство, за кои што беше заклучено да се проследат во владина процедура на донесување.