Грковска: Борците од НОБ се инспирација за истрајност во денешните битки за подобро утре

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, ја предводеше владината делегација за одбележување на 11 Октомври во Скопје, во чиј состав беа и Филип Николовски, заменик министер за финансии и Беким Реџепи, заменик министер за транспорт и врски. 

Делегацијата положи цвеќе во Меморијалниот комплекс „Партизански гробишта“ во Бутел и пред споменикот „Ослободители на Скопје“ на платото пред Владата на Република Северна Македонија.  

„11 Октомври е денот кога нашата борба за ослободување, самобитност и државност нераскинливо се поврза со борбата против фашизмот и стана дел од големата победа над таа погубна идеологија во Втората светска војна. Многу е важно тоа чувство и мудрост за вистинска определба да го задржиме и во овие тешки и кризни времиња со кои се соочува целиот свет, времиња кои ни покажуваат дека борбата за мир, слобода и напредок продолжува и дека таа е должност на секоја генерација.“ изјави вицепремиерката Грковска на Денот на народното востание, кој годинава се одбележува под мотото „ Непокор и слобода“.  

Таа истакна дека бројните животи дадени во антифашистичката и народноослободителна војна, оние млади борци кои со верба, срце и највисоки идеали се вградија во нашата слободарска историја, треба да бидат наша вечна инспирација и мотив да истраеме во денешните битки за подобро утре.  

„Да не потклекнеме пред предизвиците со кои се соочуваме, и обединети и храбро, во интерес на перспективната иднина на нашите граѓани, да ги носиме вистинските одлуки“, порача вицепремиерката Грковска и додаде дека изразувајќи ја благодарноста кон тие што овозможија да живееме во слободна и независна држава, треба да сме свесни и за обврската да го зачуваме постигнатото и да го надградиме со нови постигнувања и подалечни дострели кои значат напредок и развој за сите наши граѓани и идни генерации.