Економските политики и мерки коишто се практикуваат во земјава создаваат солидна основа за зголемување на потенцијалот за раст и остварување повисоки стапки на раст на среден рок. Економијата е отпорна, макроекономските фундаменти здрави, додека очекувањата на ММФ за растот годинава се подобрени за 1,1 процентен поен во октомвриската проекција во однос на претходната од април. Значајна улога ќе играат инвестициите, вклучително и капиталните, коишто во Буџетот бележат трицифрен раст во однос на минатата година. Инфлацијата се очекува да продолжи да се намалува и придонес кон тоа да дадат владините антикризни мерки. Ова беше истакнато на средбите на министерот за финансии Фатмир Бесими со извршниот директор на ММФ Пол Хилберс, алтернативниот извршен директор, Лук Дресе, како и со директорот на ММФ за Европа Алфред Камер. На средбата присуствуваше и гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска.
„Економските политики што ги спроведуваме добиваат потврда од релевантните меѓународни финансиски институции и инвеститорите, а тоа го покажуваат и резултатите што се остваруваат. Приходите во Буџетот се за 12% повисоки од приходите остварени минатата година, расходите и дефицитот се во рамки на планираното и се одржуваат на курсот на постепена фискална консолидација. . Капиталните расходи бележат раст од 142,2%. Јавниот долг се одржува на ниво согласно поставените правила во новиот Закон за буџети и Мастришките критериуми. Финансирањето на Буџетот е обезбедено до крајот на годината“, посочи министерот Бесими.
Тој додаде дека политиките во Буџетот се комплементарни со политиките и мерките содржани во Планот за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, Планот за јавни инвестиции и Планот за забрзан економски раст. Тие се насочени кон спроведување постепена фискална консолидација, намалување на непродуктивните трошења, зголемување на капиталните расходи и реализација на капиталните инвестиции, но и поттикнување на инвестиции во приватниот сектор, со цел остварување на двојно поголеми стапки на економски раст.
Признание за ваквите политики, како што рече министерот, добивме минатата година со можноста за пристап до средства преку Програмата за претпазливост и ликвидност на ММФ. Таа обезбеди поволни средства за спроведување на политиките и зголемените трошења што произлегоа од енергетската и ценовната криза, а даваат основа и за понатамошно задржување на стабилни макроекономски политики. Потврда за тоа е поддршка и од другите меѓународни институции, како ЕК од која се обезбедени средства за буџетски политики, се очекуваат средства и од Светската банка за развојните политики, како и буџетска поддршка од КФВ банката.
На средбите стана збор и за мерките што се преземаат за справување со енергетската и ценовната криза. Земјата има во Буџетот обезбедено 225 милиони евра за справување со кризата како и дополнителни средства со извршената прераспределба во Буџетот што беше усвоена во Собранието. Инфлацијата бележи намалување и тој тренд се очекува да продолжи.