Со практична работа за учениците и студентите до полесно вработување

На форумот присуствуваа министерот за труд и социјална политика Спири Ристовски, за образование и наука Панче Кралев, градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, универзитетски професори и претставници од бизнис заедницата.

Со оглед на тоа што придобивките од практичната работа во образовниот процес се големи, надлежните институции подготвуваат нејзина поголема афирмација, се со цел младите лица кога ќе се појават на пазарот на труд да бидат поконкурентни.

Податоците покажуваат дека поголем процент на вработени има кај оние кои што посетувале практична работа во некоја институција или приватна компанија.

Министерот за образование и наука соопшти дека целта е практичната настава во училишта и факултети каде што ја нема да се воведе, а да се усовршува онаму каде што е воведена, а не да претставува обична формалност како досега.

-Практиканството да не биде само формалност туку истото да биде максимално искористено како од страна на работодавачите, така и од страна на младите лица, истакна Кралев.

Министерот Ристовски посочи дека се подготвува Закон кој што ќе ја регулира целата оваа област, со кој што истовремено ќе се забрани злоупотребата на практичната работа од страна на компаниите.

-Нормално е компаниите кога ќе вработуваат лица, тие да имаат поминато низ еден процес на практична настава. Токму поради тоа министерствата заедно со локалната самоуправа и стопанските комори во иднина ќе работат на подготовка на Закон за практиканство, со што ќе се регулира целата област. Ќе бидат регулирани правата и обврските на практикантите и на компаниите и ќе се забрани евентуалната злоупотреба на практичната работа како ангажирање на лица на црно, нагласи Ристовски.

Тој посочи многу е важно да се следи пазарот на труд, односно неговата побарувачка, која што во моментов а и во иднина е повеќе насочена кон кадар од техничките факултети и училишта.

Претседателот на Сојузот на стопански комори Златко Калеников соопшти дека ова е сеопфатна акција каде што треба да бидат вклучени повеќе институции и бизнис секторот и предложи да се формира една работна група која што би вршела истражувања и тестирање меѓу младите лица за тоа каде сакаат да ја градат својата кариера.

-Ова е сеопфатен проект кој што бара долготрајна работа. Со нашите фирми нудиме на располагање лабаратории за средните училишта и за високообразовните инситуции. Во Законот треба да се вметне и интерактивност а не тоа да биде само формалност. Тоа треба да биде конкурентен модел кој што ќе ги стимулира младите лица да се натпреваруваат за тоа каде ќе посетуваат практична настава, соопшти претседателот на ССК Златко Калеников.

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски посочи дека активно се работи на опремување на лабораториите во училиштата кои што се во негова надлежност.

-Градот Скопје во рамки на своите можности прави напори што е можно повеќе да ги опреми лабараториите и да направи работилници преку кои учениците ќе бидат поблиски до практичната наставна, изјави градоначалникот Коце Трајановски.

Трајановски информираше дека од вкупно 21 средно училиште во Скопје, практична настава се одвива во 16.

Со зголемување на практичната работа покрај тоа што младите полесно ќе најдат работа, истовремено ќе се намалат и трошоците на компаниите за обука на работниците, а на форумот беше посочено дека можно е образовните институции да започнат соработка со индустриските зони, со што полесно би се реализирало практиканството.