Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес оствари средба со бизнис делегација од Република Кореја предводена од Јанг Сунг Мин, висок советник за стратегии на претседателот на Јужна Кореја, која ја сочинуваа претставници на светски реномираните компании Hyundai, Samsung, LG, Лоте, и Корејската трговска и индустриска комора.
На средбата се усогласи текстот на меморандумот за соработка со кој ќе се постават темелите на идната економска соработка помеѓу Владата на Северна Македонија и Канцеларијата на претседателот на Република Кореја.
Во неговата изјава за медиуми после состанокот, вицепремиерот Битиќи рече дека разговорите за продлабочување на економската соработка започнаа во април на средбата со господинот Јанг Сунг Мин, и денеска резултира со усогласување на текстот за меморандум за соработка кој ќе биде потпишан идната недела, со што се поставуваат темелите на идната економска соработка помеѓу нашите две земји.
„Со овој меморандум ќе ја интензивираме и диверзифицираме веќе воспоставената трговска и инвестициска соработка, а фокусот ќе биде ставен на автомобилската индустрија, туризам, енергетската индустрија со акцент на таа од обновливи извори, ветер и водородна енергија, фармацевтската индустрија и инфраструктура. Меморандумот предвидува комуникација и соработка меѓу владините институции, поврзување на професионални организации, комори и здруженија, посети, контакти и активности наменети за унапредување на соработката помеѓу компании, службеници и економски организации, организирање на саеми, изложби, семинари и симпозиуми и други активности за промовирање на трговијата“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи рече дека нашата држава има голем адут кој ја прави атрактивна дестинација за странските инвеститори.
„Северна Македонија како земја членка на НАТО има голем потенцијал за привлекување на странски инвестиции, а наш адут е добро образованата и квалификувана работна сила што не прави привлечна дестинација за странските бизниси. Компаниите кои се денеска присутни, се високо технолошко напредни компании кои креираат голема додадена вредност. Овие компании кои денеска се тука, се одраз на промената која ја донесовме а тоа е креирање на конкурентна економија со високо платени работни места. Токму ова корејските компании го имаат препознаено“, заклучи Битиќи.
Високиот советник за стратегии на претседателот на Јужна Кореја, Јанг Сунг Мин, во неговата изјава рече дека се дојдени во Северна Македонија со цел за унапредување на економската соработка и билатералните односи меѓу Северна Македонија и Јужна Кореја.
„Имаме многу заеднички работи меѓу нашите две земји – имаме демократија во нашите држави, заеднички вредности, економските текови ни се заедничка цел, а исто така ги споделуваме и вредностите на НАТО“, изјави Сунг Мин.