Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денес одржа работен состанок со претставници на повеќе од 30 странски компании членови на Советот за странски инвестиции при Стопанската комора на Северна Македонија.
На состанокот кој се одржа во компанијата „Амфенол“, во Кочани, се дискутираше за повеќе актуелни економски прашања и владини политики кои директно влијаат на работата на странските компании во земјава.
Вицепремиерот Битиќи нагласи дека владата покажува инклузивност и конзистентност во креирањето на економски стратегии и политики кои се насочени кон подобрување на конкурентноста на економијата и создавање на цврсти основи за нејзин одржлив раст и развој, процес во кој неизоставен дел се и странските компании.
Зборувајќи за унифицираноста на политиките за финансиска поддршка на нови инвестиции, вицепремиерот Битиќи пред претставниците на странските инвеститори најави нивно дополнително системско зацврстување преку измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
„Она што успеавме да го изградиме, да ви овозможиме One stop shop за вашите инвестиции согласно Законот за финансиска поддршка на инвестициите и да добиете 100% исплата, од наредната година системски ќе биде втемелено. Подготвуваме измени на Законот со кои дополнително ќе добиете предвидливост на деловното опкружување во земјава, односно ќе се воведат законски одредби со кои ќе може да очекувате 100% исплата на финансиска поддршка. Тоа нема да зависи од ничија политичка волја или одлука“, порача вицепремиерот Битиќи.
Дуалното образование и пристапот до квалификувана работна сила беше уште една од теми кои се отворија на состанокот, а за што заеднички беше оценето дека преку дијалог треба да се дојде до олеснување на постоечките законски и административни процедури во насока на олеснет пристап до квалификувана работна сила.
На крајот од состанокот беше изразено задоволство континуираниот дијалог кој се води со претставниците на странските компании во земјава, притоа заеднички оценувајќи дека тој е единствениот пат кој води кон понатамошно унапредување на деловниот амбиент и неговата атрактивност за поттикнување на нови инвестиции во економијата.