Отворен ден против семејното насилство
Жртвите на семејното насилство се почесто се охрабруваат да го пријават. Во првите три месеци во 2012 има благо намалување од осум проценти на бројот на регистрирани кривични дела, но е зголемен за 30 отсто бројот на прекршоци.
- Тоа зборува дека свеста е на се повисоко ниво и дека жртвите се охрабруваат да побараат помош и поддршка од институциите дури и во случаи кои порано биле оценувани како незначителни. И натаму сторителите се доминантно мажи, над 90 проценти, најчесто татковци, сопрузи, вонбрачни партнери, но има одреден број и жени сторители на вакви кривични дела, рече министерката Гордана Јанкулоска која заедно со министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски присуствуваше на Отворениот ден против семејното насилство.
Кампањата за подигнување на свеста за овој проблем во општеството трае четири години. Министерот Ристовски рече дека со зголемувањето на свеста се зголемува и негативната статистика во споредба од претходните години, зашто жртвите се охрабруваат да пријават семејно насилство.
- Семејното насилство е присутно кај сите етнички заедници во Македонија. Најголем број од сторители се мажи, но загрижува фактот што во последно време има и жени сторители. Како ресорно министерство ќе се фокусираме на борба притив насилството врз децата во семејството кое е зголемено во последните две години. Отворивме дополнителен шелтер-центар за жртвите, а продолжуваме активно и со политиката на превенција, истакна Ристовски.
Кампањата за свест против семејното насилство и во идните две години финансиски ќе ја поддржува Амбасадата на Холандија. Амбасадорката Мариет Шурман рече дека семејното насилство не е приватен, туку проблем што влијае на целото општество. Поради тоа, и одговорноста е заедничка и тоа треба да се пријави за, како што рече, да се прекине кругот.
Жртвите имаат каде да се јават за совет, имаат бесплатна правна помош и каде да бидат згрижени ако е потребно. Имаат и пристап до економски програми, може да добијат финансиска помош за сопствен бизнис или субвенции при вработување.
- Сите овие мерки и услуги за заштита на жртвите успешно функционираат, рече Соња Таневска од УНФПА. Таа информираше дека во изминатите четири години над 400 жртви побарале бесплатна правна помош, повеќе од 800 вработени во МВР и МТСП, судии и јавни обвинители се обучени за подобро да се справуваат со оваа појава. За превенција на семејното насилство, формирано е и Национално координативно тело и локални тела во 33 општини.
Со перформанс на ул. „Македонија“ - кутии кои како домина паѓаат едноподруго, беше симболизирано мотото на кампањата: „Еден удар е удар врз сите!“, т.е. потребата да се застане на патот на семејното насилство. Во Музеј на Град Скопје, пак, се ставени штандови со инфоматеријали за заштита на жртвите.
Министерот Ристовски на новинарско прашање во врска со заклучокот на Европскиот парламент дека назадуваат социјалните права поради раст на невработеноста и сиромаштијата, одговори дека тоа се однесувало на претходните две години.
- Тие статистички податоци се однесуваат на 2010 и 2011 година, но во 2012 има намалување на бројот на корисници на социјална помош за 17 проценти. Тоа може да се констатира и преку буџетските исплати, додаде Ристовски.