Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски за време на работниот престој во Белград, Република Србија, по повод учеството на 24 Состанок на Комитет на министри на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа, чиј домаќин е Србија, оствари билатерална средба со својот српски колега, министерот за внатрешни работи на Република Србија Братислав Гашиќ.
Двајцата соговорници се согласија дека оперативната и стратешка соработка е на исклучително високо ниво, со многубројни апсолвирани области на заедничко работење и со континуирана волја и подготвеност за нејзина надоградба.
„Од аспект на нашата соработка на мултилатерално ниво, задоволство ми е да констатирам дека е евидентна нашата посветеност на регионалната соработка што – впрочем – се огледува преку заедничкото дејствување и активност во сите регионални иницијативи и процеси. Во овој аспект, би ја споменал и Специјалната мерка односно Заедничката операција функционална речиси од самиот почеток на миграциската криза која заврши со распоредувањето на припадници на постојаниот корпус на Европската гранична и крајбрежна стража во рамки на која српски полициски службеници заеднички работеа со македонските полициски службеници, оставајќи личен печат на управувањето со миграциите и борбата против илегалната миграција”, рече министерот Спасовски, информирајќи го колегата Гашиќ за состојбите со управување со миграцијата и криумчарење мигранти.
Министрите Гашиќ и Спасовски посочија дека ниту една земја сама не може да го реши проблемот со нерегуларната миграција и затоа е неопходно земјите да реагираат униформно за да се најде најдобриот одговор на овој предизвик.
На средбата беше констатирано дека мигрантите влегуваат и во Србија и во Северна Македонија од земјите на Европската унија, поради што е неопходно да се најде адекватно решение за нивно враќање во земјите на потекло.
Министерот Спасовски посочи дека заедничките патроли со членовите на Фронтекс даваат резултати и посочи дека во текот на оваа година во Северна Македонија е забележано намалување на нерегуларната миграција за дури 50 проценти.
Заедничките патроли на граничните полиции на двете земји даваат добри резултати, оценија Гашиќ и Спасовски и договорија натамошни чекори кон унапредување на соработката во оваа област.
На крајот од средбата, Спасовски уште еднаш изрази благодарност за укажаната чест за оваа заедничка средба, како и за непрекинатата посветеност на развој на меѓусебните односи и за меѓусебната почит.