Груевски: На Црвенковски не му е лесно во Штип да го објасни неговото време на владеење

СДСМ викендов се во Штип. Град што во времето на Бранко Црвенковски беше опустошен со транзицијата, со затворањето на текстилни фабрики, и  илјадници луѓе кои останаа без работа и не знам што тој ќе им каже на штипјани затоа што СДСМ жестоко се спротивставуваше за правење на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, рече премиерот Никола Груевски  по барање на новинарите да ја коментира посетата на опозициската СДСМ викендов  во Штип и Штипско.

Тој нагласи дека Бранко Црвенковски има право секаде да држи митинзи, но, подвлече, нема да му биде лесно во Штип да го објасни неговото време на владеење и да го спореди со нашето.

- Уште додека бевме во опозиција ВМРО -ДПМНЕ предлагаше, а СДСМ тогаш со мнозинство во Парламентот одбиваше,  но и подоцна кога го формиравме Универзитетот тие не беа негови поддржувачи. Универзитет кој на некој начин го заживеа градот, донесе илјадници млади луѓе од цела источна Македонија и го направи центар на источна Македонија во делот на образованието и практично им помогна на многу штипјани на различен начин  да дојдат до подобар квалитет на живот, појасни Груевски по денешната промоција на медицинска опрема на Детската клиника во Скопје.

Според премиерот Груевски најверојатно на Црвенковски ќе му биде тешко да објасни зошто во негово време додека тој беше премиер не беше направено тоа што го направи ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е отворање слободна економска зона  и со тоа веќе донесената прва инвестиција која во моментот се гради, а тоа е меѓународната компанија „Џонсон Контролс“ која ќе вработи околу 1.400 луѓе, како и интересот и од други компании кои се подготвуваат да земаат парцела во слободната економска зона во Штип.

- Црвенковски со стар кадар ќе се обиде да ги привлече гласачите на Штип, но мислам дека нема да му тргне од рака затоа што штипјани видоа дека може и многу поинаку. Може работите наместо надолу да одат нагоре во позитивен правец во развој на градот во подобрување на условите во правење чекори кои помагаат, рече Груевски споменувајќи го извршеното опремување во болницата и наскоро изградбата на нова болница и на објект на медицинскиот факултет.

Претседателот на Владата, Груевски оцени дека во Штип има голем напредок во овој период и изрази убедување дека во иднина ќе има уште повеќе.