Земјите од регионот испраќаат силна енергија и подготвеност за реализација на Планот за раст на ЗБ. Министрите на РС Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Косово и Албанија денеска на Прв состанок во земјата заедно со генералниот директор на Директоратот за соседска политика и преговори за проширување, отворија дискусија и ги дефинираа основите за идните конкретни чекори за негова имплементација преку реформи за кои земјите ќе добијат финансиска поддршка од 6 милијарди евра во наредните 4 години, кои е тесно поврзано со спроведување на реформите. Ова беше истакнато на Првиот регионален министерски состанок за Планот за раст на ЗБ на кој домаќин беше Владата на РС Македонија.
„Добиваме силна алатка за нашиот европски пат. Станува збор за најамбициозен план на ЕК, кој е резултат и на нашите долгогодишни барања, а се однесува на искористување на придобивките и придобивките од процесот за зачленување во ЕУ додека траат преговорите. Ова е првпат да имаме резервирано пари во износ од 860 милиони евра за спроведување на нашата реформска агенда“, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на заедничка прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими и генералниот директор на Директоратот за соседска политика и преговори за проширување Јан Копман.
Тој додаде дека реформите заеднички ќе се дефинираат со ЕК и дека е важно тие да бидат реални и да бидат остварливи. „Не ни треба список на желби, ни треба реален и остварил план, и уште во првите шест месеци покажеме добра волја и решеност за да ги направиме овие потребни реформи. Индикатори се Извештајот за напредокот, извештаите од скрининг процесот и оние забелешки што ги имаме и да дефинираме рокови во кои тие треба да се завршат. Секако не очекуваме да решиме се во првите шест месеци, тоа ќе биде во повеќе фази, но со реализацијата на првата фаза и ќе дојде исплатата и на првата транша од средствата“,истакна Маричиќ.
Средствата, како што појасни министерот за Финансии Фатмир Бесими половина ќе бидат за буџетска поддршка, половина од средствата за инвестиции.
„Што ќе донесе Планот за нас, за граѓаните и за стопанството и што тие 6 милијарди значат за нас. Тоа се 2 милијарди грант средства од граѓани на ЕУ во нашите буџети и 4 милијарди ќе бидат дополнителни заеми под поволни услови и подолг период на доспевање од она што ние се финансираме на меѓународните пазари. План со кој одиме многу поблиску во спроведување на реформите, односно дава поголем фокус и ни два финансиска поддршка за да го реализираме побрзо она што веќе го имаме како процес со ЕУ“, рече Бесими.
Според Бесими ова е План за финансирање на реформите за раст и смета дека она што охрабрува од дискусијата денеска е дека тој е дополнување на она што го правиме низ разните процеси за реформските агенди, националните развојни стратегија, а со цел да се забрзаат процесите и да се искористи синергијата меѓу нив.
Копман ја оцени денешната дискусија како одлична и попродуктивна од очекуваното.
„Одлично почнавме и можам да честитам за енергијата и далековидоста што ја покажавте денеска.
Имавме одлична дискусија со министрите од сите земји и беше попродуктивна од она што очекувавме. Она што треба да се постигне со Планот е двојно да се зголеми вашиот раст и тој да достигне 12 илјади евра по жител, а тоа ќе се постигне со интегрирање во внатрешниот пазар на ЕУ, со помагање да ги интегрирате вашите пазари помеѓу себе, со инвестиции поддржани до 6 милијарди евра“, рече Копман на прес-конференцијата.
Оцени дека тоа е амбициозен план и дека ветува многу енергијата споделена на денешниот состанок. „Се уште“, рече Копман“ има многу да се работи, но ќе продолжиме со разговорите во Брисел наредната недела. Се договоривме да комуницираме и да и честитам на Владата што презема иницијатива и ова покажува еден фокус кој е бесценет. Овој План за раст ќе го забрза вашиот претпристапен просец. Гледам дека планирате реформи и се поблиску е влегувањето во ЕУ и и ние сакаме Западен Балкан да го приклучиме во ЕУ“, рече генералниот директор на Директоратот за соседска политика и преговори за проширување и додаде дека спроведување на реформите се суштински за Планот за раст и треба да се имплементираат за да се обезбеди финансиската поддршка.
„Парите се доделуваат доколку се спроведуваат реформите согласно реформската агенда одобрена од ЕУ и сакаме да го забрза процесот на интеграција на регионот“, порача Копман.
Регионалниот министерски состанок беше прв состанок по усвојување на Планот за раст на ЗБ, на кој присуствуваа министри и главни преговарачи од РС Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово. Ова е само почеток на дијалогот кој ќе следи во наредниот период.